Archive for May, 2011

May 30, 2011

Низ зборови

 

За буквата С

Скоро сите убави работи на светот почнуваат на С. Една од нив е скијање.

За животот

Се додека човекот е жив, разликата помеѓу добивката и загубата е само нијанса.

За ниските побуди

Пред да почне човек да критикува и да оговара, треба прво  себе да се искритикува и изоговара , па потоа, ако не е уморен и ако му остане време, може да прејде и на останатите.

Стратегијата на капитализмот

Железниот збор – убави врати отвора, убавата жена- железни врати отвора, а убавиот збор-железни жени отвора.

За љубовта

Љубовта ништо посебно не бара од животот. Таа само бара да биде љубена од тој што го љуби. Тогаш кожата  е убава и без крема, на косата не и е потребна маска, усните се црвени и без кармин, а рацете се мазни и после долго работење низ градината.

За спонтаноста

Да беше Тесла спонтан, денес ќе немавме струја.

За денешницата

Во денешно време љубовта е бизнис, бизнисот е страст, а страста е љубов.

За разликите

Разликата помеѓу глупак интелектуалец и интелектуалец глупак е тоа што првиот молчи кога не треба, а вториот зборува кога не треба.

За панта реи

Продолжил ти или не, животот иде даље

 

 

 


 


May 27, 2011

Милион твитови

Зар веруваш во мене, твитерџија што ти нуди разноразни твитови

И веќе одамна, тоа не сум јас, тоа е некој што те следи и ужива во твитање

Секој обид да ме следиш, ќе ти се врати како ретвит, како добар меншнинг

Јас сум човек кој, живее од твит и кој се плаши да не твита

Не знам дали остана, бар малку фејсбук во мене, или се исчезна во хаштагот

Радосен, неуморен, твитам непрестајно, со мојте милион фоловерс

Единствен е разлог да, продолжам да живеам и нема начин да ме промениш

Се што можеш е да ме ретвитнеш

May 26, 2011

Бегајќи од убавината

Има утра, кога ми доаѓа да излезам, да земам парче весник, да отидам во некој од градските кафичи и пиејќи го првото еспресо да уживам читајќи по некој добар наслов..

Има денови, кога ми доаѓа да отидам до градскиот парк, со добра книга во ранец, да си понесам ролери и да поролам. Да легнам на тревата под некое дрво, и читајќи го најубавиот дел од приказната, слатко да дремнам под сенката…

Има ноќи кога ми доаѓа да се дотерам, да појдам во некој паб, да влезам елегантно и нечујно и да се нацртам на шанк. Да нарачам некое точено, па уште едно, па едно текличе.. Да помуабетам со симпатичниот келнер отспротива, па да ме здружат од соседната маса, да си направиме живели, да свртиме два три добри муабети и да продолжиме во некој ноќен клуб каде што ќе изденсаме до сабајле.

Но ако тоа го направам тука, тоа би изгледало  вака:

Станувам сабајле и не знам со што превоз најбезболно ќе стигнам до Центар.

Не знам ни кој дневен весник да го купам.

Ако отидам преку ден во парк и заспијам под дрво, сигурно некој познат ќе се загрижи.

Ако излезам сама во паб и се здружам со непознато друштво,  некој познат пак ќе се загрижи.

Башка есап, мала е веројатноста за непознато друштво, добар паб и уште подобар ноќен клуб.

Сепак останувам дома.

Чекам подобри времиња.

May 22, 2011

Јас и политиката во Македонија

Сме два различни поими.

Зошто не завземам страна во политиката?

Бидејќи според мене тој што се нафаќа да одлучува за животот на еден народ во сопствената држава, треба да е идеолог, а не материјалист.

Треба да сака убави нешта за сите, а не убави нешта за себе.

Треба да е харизматичен, а не антипатичен.

Треба да е широкоград, а не тесноград.

Треба да го почитуваме, а не да му се плашиме.

Треба да му се восхитуваме, а не да го мајтапиме.

Треба да е чесен, а не нечесен.

Треба да е лидер, а не фоловер.

Треба да знае како, а не да му кажуваат како.

Треба…..

И бидејќи тоа го немам препознаено во ниеден од нив, решив да не завземам страна.

Ова е мој став. Ако грешам, и грешката е моја

May 22, 2011

Кога лисјата паѓаат

Поттикната сум од една актуелна тема која веќе подолго време владее во нашето општество а тоа е нападот на сите сетила на граѓаните преку турските серии кои се даваат на неколку од локалните телевизии.

Можеби ќе ви звучи незначајна темава, ама според мене тоа е една од најсериозните теми за кои треба да се запраша секој граѓанин на оваа држава кој размислува малку посвесно за себе , за својата иднина и за иднината на своите деца.

Зошто…

Многумина ќе речат: Не ме интересира, кој што сака нека гледа, јас си живеам во свој свет, си гледам серии и филмови кои мене ме интересираат, се дружам со луѓе кои се на мое ментално ниво.

Тоа е точно, меѓутоа тоа индивидуален избор само за постигнување на личен развој на личноста, но не и за колективниот.

За колективниот развој  на едно општество е многу битно влијанието на локалните медиуми.

Има нешто што се вика навика, инерција.

Голем дел од народот  го гледа и го слуша тоа што му се сервира од локалните медиуми. А од нив веќе неколку години се поинтензивно се сервира серија од турски серии.

Кои ефекти се добиваат од гледањето на турските серии?

Се задоволува потребата на народот во ова општество да се занимава со туѓиот живот- кој со кого бил, кој заради кого се разведува, кој кого го мести, кој на кого му прави услуга, значи се поттикнуваат некои карактеристики кои напротив треба да почнат да се искоренуваат во едно општество наместо да се зацврстуваат во свеста на човекот.

Медиумите треба да пренесуваат корисни информации а не да го залажуваат народот со ефтино купени серии, да вадат профит за себе а народот да го држат во некоја квази заблуда дека одмара додека се релаксира со некоја турска приказна, натоварен со куп егзистенцијални, социјални и какви уште не проблеми, лични и семејни.

Не велам дека овој проблем е од сега. Сапуници имало и порано, да ја земеме за пример Династија или некои од српски и хрватски серии. Меѓутоа интензитетот на напад врз сетилата со сапуници мислам дека е најголем сега,а со тоа и интензитетот на ослабување на свеста кај самиот народ.

Затоа моја желба е , партијата која ќе победи на овие избори, да го реши овој проблем, бидеќи ако не го реши, му мисли лошо на сопствениот народ. Ако продолжи да трае проблемов, сите лисја ќе паднат во оваа држава.