Archive for June, 2011

June 26, 2011

Шармот и градот

Секогаш кога се зборувало за убавината наспроти шармот, сум застанувала на страната на шармот.

Според мене, убавината е променлива, но шармот е константен.

Убавината бара нега и одржување, а шармот, еднаш стекнат, станува неприкосновен.

Убавината знае да изневери, но шармот е верен.

Всушност, убавината е во шармот.

Кога зборуваме за убавина на град, можам да кажам дека во светот постојат многу убави градови.

На пример Париз, како на сликата подоле.

Според мене, Париз е едноставно е преплавен со убавини.

Во него живее симетријата, елеганцијата, континуираниот развој, во корелација со традицијата и историјата.

А кога сме кај шармот, шармот на Париз потекнува од неговите жители, нивната елеганција, култура, џентлменското однесување на мажите и дамското однесување на жените.

Во градот живее една префинета рамнотежа и смиреност.

Според мене , тој е еден од најубавите, ем најшармантните градови на светот.

Но, текстов не е наменет за Париз.

Тексов е наменет за мојот град Скопје.

Го сакам Скопје бидејќи тука сум родена, тука сум ги стекнала првите пријателства, сум ја добила првата пчеличка, првата петка, сум играла народна, џамија, грабни стапче. Тука сум љубела, сум плачела, сум го имала првото пијанчење, сум ја доживеала првата победа, сум го осетила првиот пораз, , сум ја добила првата шестка и првата десетка, сум испратила блиски луѓе во нивните вечни домови, сум кажала да, сум кажала доста е, сум кажала и не…

Бидејќи сеуште сум дел од Скопје и Скопје е дел од мене, ме болат некои вистини за мојот град.

Денес Скопје според мене не е убав град. А ако говориме за шармот кој го прават неговите жители, мислам дека Скопје нема ни шарм.

Какво Скопје сакам?

Сакам Скопје со шарм.

Кога ќе има мојот град шарм?

Скопје ќе има шарм кога, нема да блескаат само дворовите на богатите куќи на Водно, туку ќе блеска и тревата на 600 метри од нивните дворови, што не е ничија..

Скопје ќе има шарм кога девојките ќе имаат достоинство кога ќе шетаат по кејот, доволно големо за да не се оговараат меѓусебно а доволно пристојно, за да помуабетат со некој дечко кој ќе сака да им пријде.

Скопје ќе има шарм кога реченицата: „Имаш ли познат во Катастар, ми треба да завршам итно работа поврзана со мојот имот“ ќе биде заменета со „ Во градот има Катастар кој ќе ми помогне да ја завршам работата поврзана со мојот имот“

Скопје ќе има шарм кога секој ќе ја живее својата слобода без разлика на неговата верска, сексуална и секоја друга определба и без да биде осудуван од околината и секој ќе ги остварува своите права во рамки на законот.

Скопје ќе има шарм кога младите дипломирани академци, ќе бараат работа потпирајќи се на својот ум и својата самодоверба, а не на својата партиска книшка и на своите познати кои имаат позиција во системот.

Скопје ќе има шарм кога мажите ќе имаат доблест да речат „те сакам“ на онаа која ја сакаат и доблест да речат „не те сакам“ на онаа која не ја сакаат.

Скопје ќе има шарм кога жените облечени како проститутки ќе престанат да се однесуваат како дами, а жените облечени како дами, ќе престанат да се проституираат.

Скопје ќе има шарм, кога на денско кафе, наместо за ефтините трачеви, ќе се разговара за нови бизнис идеи, нови прочитани книги и нови спортски активности.

Скопје ќе има шарм кога зборовите Сдсм и Вмро Дпмне ќе станат само имиња на две политички партии а не имиња на лидери на секојдневието на секој Македонец.

Скопје ќе има шарм, кога постарите ќе почнат да ги слушаат и почитуваат помладите а помладите ќе им помагаат на постарите.

Шармот на Скопје нема да го донесе ниту Воинот на коњ, ниту новата зграда на Филхармонијата, нити некој позлатен нов театар.

Шармот на Скопје ќе го донесат убавите и прекрасни луѓе што би седнале во првото кафуле до воинот, што би отишле на филхармонија без да го понесат снобизмот и желбата за експонирање, кои би оделе во диско заради музиката и желбата да се забавуваат на подиум а не заради тоа што таму излегува шемата.

Единствената светла и шармантна точка која му се случи на Скопје последниот месец дена, беше движењето #protestiram.

Секоја чест и браво за младината која за прв пат го подигна гласот против полициската бруталност барајќи ја правдата, се спротистави на институциите на системот, на неморалното и лажно информирање на медиумите, младината која рече „не“ на медиокритетството и корумпираните интелектуалци и конформисти и внесе ентузијазам и позитивен дух по скопските улици.

Движењето #protestiram го доживувам малку поопширно од барањата наведени од учесниците на протестот, односно лично би го проширила во движење кое треба да пртставува зачеток на раѓањето на шармот на еден одамна замрен, депримиран, истрошен и релативно тажен град кој го има допрено дното и има загубено секаква трошка надеж за позитивен развој.

#protestiram го сваќам како движење кое треба да се внесе во секоја институција, во секој двор, во секоја фамилија, во секое училиште, во секое друштво, во секој брак, во секоја мала или поголема заедница.

#protestiram значи да се има свое јас, да се мисли со својата глава, да се реагира на неправдите со немолчење, да се работи за подобро утре, да се има желба да се поправи лошото и да се посакува подобро не само за себе, туку и за другите.

#protestiram e начин на конструктивно некорумпирано мислење, спонтано реагирање на неправдите, борба за искреност, правда, чесност, морал, доблест да се критикува тоа што е лошо, желба и волја да се живее подобро.

#protestiram e идејата како да почнеме да го направиме Скопје шармантен град.

Ова е слика од убавиот Париз, но сепак , го сакам Скопје.

Advertisements
June 7, 2011

После молкот, нешто лично

Заврши предизборниот молк. Бев да гласам. На денот на гласањето навистина се осетив убаво, дека ете, излегувам и активно сум вклучена во демократските процеси на државата на која сеуште  директно и ја давам мојата љубов и доверба бидејќи сеуште во неа живеам, творам и работам.

Влегов во избирачкото место за мојата улица и како симпатичен момент што сакам да го напоменам беше тоа што влегов сама и луѓето што беа задолжени за кутиите ми рекоа: Ти си 500 тиот гласач, јубилеј, браво и почнаа да аплаудираат. Се осетив убаво.

Гласав, заокружив број и спокојна си заминав.

Вечерта, следејќи ги резултатите кои ги објавуваа, се осеќав исто така фино, бидејќи очигледно беше дека изборите поминале мирно, без посериозни инциденти , како што доликува на еден пристоен народ.

Се до вчера, кога моето спокојоство беше нарушено. Се случија низа настани кои ме вознемирија и кај мене разбудија гнев, тага, жал, борба за правда,трагање по човечност, барање на вистината. Не дека прв пат се случуваат настани кои во мене будат такви чувства, ама овој пат доживеав внатрешна револуција.

Дел од таа револуција видов и на улиците. Убава револуција од убави луѓе.

Не сум сама, Има и други кои носат чисти емоции како мене. Им верувам.

Заради тоа, ќе се потрудам да останам во оваа држава. Ќе се потрудам таа трошка надеж преточена во убавите луѓе од Македонија кои ги видов вчера и денес како се борат за вистината, неискварени, неисполитизирани, водени од човечки мотиви, да ме задржи да останам и понатаму да и давам љубов на оваа земја.

Сакам да издржам, за да не си дадам друга шанса надвор од ова парче земја, шанса која ја заслужувам.

June 3, 2011

Молк

Од сега започнува молкот.

Месо смееме да јадеме.

Шопска е препорачливо без краставици.

Музика може секаква освен  Death metal и David Hasselhoff.

Секс смееме. Изневерување не е препорачливо, значи само со партнерите, може и без кондом.

Филмови може секакви, за здравје подобро е некоја комедија да мавнеме.

Спорт обавезно и гледање и практикување.

Пиење може до бесвест.

А задутре, тие што ќе спијат дома, ОК.

А другите, да бидеме умни, да излеземе, искулирано да заокружиме и да се прибереме БЕЗ ИНЦИДЕНТИ и достоинствено.

Поздрав до Македонија.

 

June 2, 2011

Политички сведоци

Денес , враќајки се пешки накај дома, дишејќи прашинест воздух, разминувајќи се со еден куп чудни луѓе, прескокнувајќи дупки по улиците и слушајќи свирење на нервозни возачи на семафори, наидов и на една нова, несекојдневна ситуација, за разлика од претходно наведеното секојдневие.

Во неколку наврати налетав на политички сведоци.

За нив знам дека се појавуваат по врати, делат црвени пенкалца со слоган – „реформите ќе победат“,  кондоми со кои „има излез“ и наполитанки „ обединети за македонија“, меѓутоа до сега со ниеден од нив сум немала средба од поблизок вид.

Политичките сведоци уствари се продавачи на политичка идеологија. Ама дали се обучени или барем подучени како се продава на пазарот?

Првото пунктче беше карши Зоил, седеа неколку деца на пункчето на кое имаше пар флаери, на децата им беше топло и досадно (најверојатно беа лоша екипа), едниот мислам дури и дремеше на тротоар. Тоа беше пунктче на ЛДП.

Второ пунктче , 200 метри подоле го препознав од далеку дека е на опозицијата, со плаво дречеше името РАДМИЛА. Бааги повесели деца, подотеранки. Разменуваа нешто смс, може и твитаа, се смееја. Битно никој не се замараше со минувачите, се загледав да видам што има на пункт, не ме ни погледнаа.

И на крај, 300 метри подоле стои еден слабичок  50 годишен тип, во црвена маичка и држи големо жолто знаме. СМРТ ИЛИ СЛОБОДА. Го вее знамето и едноставно си стои. Друго дејствие од негова страна немаше.

Толку тажно ми падна, па си велам… и на политичките сведоци не им е лесно.

 

June 1, 2011

избори

немаше спас, избори беа

на своју , како да кажу вољу и храборс искочисмо да гласамо

кад погледнамо, одозгора иде (пополни сам: грујо/бранко/љубе/љубчо..)

значи на своју вољу, ризик јак, мила душа

и да гласаш, нема да можеш да се спасиш