Шармот и градот


Секогаш кога се зборувало за убавината наспроти шармот, сум застанувала на страната на шармот.

Според мене, убавината е променлива, но шармот е константен.

Убавината бара нега и одржување, а шармот, еднаш стекнат, станува неприкосновен.

Убавината знае да изневери, но шармот е верен.

Всушност, убавината е во шармот.

Кога зборуваме за убавина на град, можам да кажам дека во светот постојат многу убави градови.

На пример Париз, како на сликата подоле.

Според мене, Париз е едноставно е преплавен со убавини.

Во него живее симетријата, елеганцијата, континуираниот развој, во корелација со традицијата и историјата.

А кога сме кај шармот, шармот на Париз потекнува од неговите жители, нивната елеганција, култура, џентлменското однесување на мажите и дамското однесување на жените.

Во градот живее една префинета рамнотежа и смиреност.

Според мене , тој е еден од најубавите, ем најшармантните градови на светот.

Но, текстов не е наменет за Париз.

Тексов е наменет за мојот град Скопје.

Го сакам Скопје бидејќи тука сум родена, тука сум ги стекнала првите пријателства, сум ја добила првата пчеличка, првата петка, сум играла народна, џамија, грабни стапче. Тука сум љубела, сум плачела, сум го имала првото пијанчење, сум ја доживеала првата победа, сум го осетила првиот пораз, , сум ја добила првата шестка и првата десетка, сум испратила блиски луѓе во нивните вечни домови, сум кажала да, сум кажала доста е, сум кажала и не…

Бидејќи сеуште сум дел од Скопје и Скопје е дел од мене, ме болат некои вистини за мојот град.

Денес Скопје според мене не е убав град. А ако говориме за шармот кој го прават неговите жители, мислам дека Скопје нема ни шарм.

Какво Скопје сакам?

Сакам Скопје со шарм.

Кога ќе има мојот град шарм?

Скопје ќе има шарм кога, нема да блескаат само дворовите на богатите куќи на Водно, туку ќе блеска и тревата на 600 метри од нивните дворови, што не е ничија..

Скопје ќе има шарм кога девојките ќе имаат достоинство кога ќе шетаат по кејот, доволно големо за да не се оговараат меѓусебно а доволно пристојно, за да помуабетат со некој дечко кој ќе сака да им пријде.

Скопје ќе има шарм кога реченицата: „Имаш ли познат во Катастар, ми треба да завршам итно работа поврзана со мојот имот“ ќе биде заменета со „ Во градот има Катастар кој ќе ми помогне да ја завршам работата поврзана со мојот имот“

Скопје ќе има шарм кога секој ќе ја живее својата слобода без разлика на неговата верска, сексуална и секоја друга определба и без да биде осудуван од околината и секој ќе ги остварува своите права во рамки на законот.

Скопје ќе има шарм кога младите дипломирани академци, ќе бараат работа потпирајќи се на својот ум и својата самодоверба, а не на својата партиска книшка и на своите познати кои имаат позиција во системот.

Скопје ќе има шарм кога мажите ќе имаат доблест да речат „те сакам“ на онаа која ја сакаат и доблест да речат „не те сакам“ на онаа која не ја сакаат.

Скопје ќе има шарм кога жените облечени како проститутки ќе престанат да се однесуваат како дами, а жените облечени како дами, ќе престанат да се проституираат.

Скопје ќе има шарм, кога на денско кафе, наместо за ефтините трачеви, ќе се разговара за нови бизнис идеи, нови прочитани книги и нови спортски активности.

Скопје ќе има шарм кога зборовите Сдсм и Вмро Дпмне ќе станат само имиња на две политички партии а не имиња на лидери на секојдневието на секој Македонец.

Скопје ќе има шарм, кога постарите ќе почнат да ги слушаат и почитуваат помладите а помладите ќе им помагаат на постарите.

Шармот на Скопје нема да го донесе ниту Воинот на коњ, ниту новата зграда на Филхармонијата, нити некој позлатен нов театар.

Шармот на Скопје ќе го донесат убавите и прекрасни луѓе што би седнале во првото кафуле до воинот, што би отишле на филхармонија без да го понесат снобизмот и желбата за експонирање, кои би оделе во диско заради музиката и желбата да се забавуваат на подиум а не заради тоа што таму излегува шемата.

Единствената светла и шармантна точка која му се случи на Скопје последниот месец дена, беше движењето #protestiram.

Секоја чест и браво за младината која за прв пат го подигна гласот против полициската бруталност барајќи ја правдата, се спротистави на институциите на системот, на неморалното и лажно информирање на медиумите, младината која рече „не“ на медиокритетството и корумпираните интелектуалци и конформисти и внесе ентузијазам и позитивен дух по скопските улици.

Движењето #protestiram го доживувам малку поопширно од барањата наведени од учесниците на протестот, односно лично би го проширила во движење кое треба да пртставува зачеток на раѓањето на шармот на еден одамна замрен, депримиран, истрошен и релативно тажен град кој го има допрено дното и има загубено секаква трошка надеж за позитивен развој.

#protestiram го сваќам како движење кое треба да се внесе во секоја институција, во секој двор, во секоја фамилија, во секое училиште, во секое друштво, во секој брак, во секоја мала или поголема заедница.

#protestiram значи да се има свое јас, да се мисли со својата глава, да се реагира на неправдите со немолчење, да се работи за подобро утре, да се има желба да се поправи лошото и да се посакува подобро не само за себе, туку и за другите.

#protestiram e начин на конструктивно некорумпирано мислење, спонтано реагирање на неправдите, борба за искреност, правда, чесност, морал, доблест да се критикува тоа што е лошо, желба и волја да се живее подобро.

#protestiram e идејата како да почнеме да го направиме Скопје шармантен град.

Ова е слика од убавиот Париз, но сепак , го сакам Скопје.

Advertisements

10 Comments to “Шармот и градот”

  1. Se slozuvam deka protestiranjeto treba da se prosiri vo sekoj apsekt od naseto ziveenje – POSEBNO vo nasata licna izgradba,

  2. Шарм?

    На колку јазици знаете да напишете шармантен град? или Скопје е шармантен град? Баш сум љубопитен

    Skopje is charming city….ова не е многу тешко (Англиски)

  3. Здраво coachera, за зборот „шарм“ би се нашол соодветен превод на многу јазици доколку се преведе целата содржина на текстот.

  4. Принципиелно се сложувам со тебе, технички би ти додал коментари за разликите од моето гледиште:

    1.
    Скопје веќе има шарм: „Го доживувам како град во кој владее сиромашниот дух, лажниот морал, доминираат негативните наспроти позитивните емоции, градот е полн со љубоморни погледи, ефтини трачеви, снобизам и сељачизам, ефтина лакомост и лажна скромност.“

    Само затоа што тебе не ти се допаѓа, не значи дека не е шарм. Би замислил мал милион багабонти кои што она горе што го доживуваш, го доживуваат и тие, и притоа им е шармантно.

    Не се сложувам дека треба да добие шарм, но да дека треба да го промени постоечкиот.

    2.
    „Секоја чест и браво за младината“. Па младина…. , но само во смисла на политички млади, т.е. неискусни, не на возрасти и слично. Имаше прилично стари луѓе со нас.

    3.
    „#protestiram го сваќам како движење“ – ова звучи како револуцијата мора да продолжи 50 години откако и завршила користа. Реално, ќе протестирам само додека има за што да протестирам, тоа што фали, а само името му го имаш утнато е ЧОВЕЧКИ ИНТЕГРИТЕТ за почит. Би сменил „#protestiram значи да се има свое јас,“ = ИНТЕГРИТЕТ значи да се има свое јас,“ . Тоа е она што и голем број луѓе кога протестираат го имаат, но не го забележуваат и не го именуваат како таков.

    Just my 2 cents on top of yours 😉

  5. Во потполност се сложувам со тебе @iskric
    Прекрасен пост!

    • ако може некој во потполност да се сложи најчесто или е преистомисленик или немисленик 😛

  6. Sarmot na Skopje … hmmm … minato vreme …. barem za nas .. idninata ostanuva na mladite ….. taka da #protestiram …. vakvi lugje kako pisatelov ke vi raskazat … a vie modelirajte …. a i mi se svigja sto #protestiram se zaedno …. nepopularni bas .. ali tuka se … i izborete se za idninata na vas i na vasiot grad 🙂 Sarmot ne se ubiva .. sigurno nekade tlee .. pronajdete go 🙂

  7. Моето Скопје БЕШЕ шармантен град во времето кога јас растев, кога го спознавав и дознавав, пред да го направат метро(и)пола, нажалост почна да тоне во тиња. не вистинска тиња (mug), туку зачмаеност и фарса, глупава фасада без дух… да не забегувам, ќе кажам само едно ГОЛЕМО БРАВО за текстот iskric… le charme d`une ville c`est ses habitants

  8. ОДЛИЧНООО!
    Ми се допаѓа премногу!

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: