Archive for July, 2011

July 24, 2011

Пост за љубовта

Пишувале, пишуваат и ќе пишуваат за љубовта. Зборувале, зборуваат и ќе зборуваат за неа. Чувствувале, чувствуваат и ќе чувствуваат љубов. Се  бореле, се борат и ќе се борат за љубов.

Затоа сакам и јас да напишам пост за Љубов.

Љ- Не ми ни текнува на друг склоп на букви кој соодветно ќе ја надополни празнината после оваа буква освен Љубов.

Љубовта е токму тоа. Соодветно надополнување, кога она што ни е потребно  ќе го добиеме безрезервно. И обратно, го добиваме безрезервно бидејќи  сме дале безрезервно.

Моментот не е битен, траењето не е битно, битно е да се случува.

У-Убавината е во тоа што љубовта е слобода. Местото каде што се чувствуваш среќен. Каде што никој ништо не ти може и каде што имаш сила да даваш, да се бориш, да чувствуваш, да дишеш. Љубовта е во прегратката на детето, во поддршката на партнерот, во благородноста на работењето, создавањето, во насмевките на вистинските пријатели, во успесите на другите, во убавината на изгрејсонцето, во величенственоста на планината, во совршената боја на морето.

Б- Бегството од љубовта значи бегство од најсовршената емоција. Емоција која е комплексна, но без која не вреди да се живее.

О- Опасноста од повреди и загуби постои. Но таа постои насекаде. И на планините, и во морето, и во грижата за детето, и во поддршката на партнерот и во пријателството.

В- Вистината е една. Љубовта мора да се има. Да се поседува и негува прво длабоко во себе, за да може да се даде и на другите. И за да може да се почувствува. Љубовта е MUST.

Не напишав ништо посебно и ново за Љубовта. Меѓутоа пресреќна сум бидејќи и посветив пост, тука во ова мое катче, кое исто така го нарекувам Љубов.

Advertisements
July 19, 2011

Умилкување

Умилкување

Ќе ги отпретам сите горештини од твојата глава,
ко суво дрво на сува рида реките ќе ги заковам.
Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња
ќе те љубам и губам и во пости и пред гости
само да ме сакаш.

Ќе ги поткупам сите човечки сетила и патила.
Сите светлосни преѓи пресијазол ќе ги врзам,
сите денови и ноќи на својот почеток ќе ги вратам,
ќе ти дадам се што е солено и молено
само да ме сакаш.

 

Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокам
ќе ги затнам сите извори, се што гори ќе отворам.
Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
само да ме сакаш.

Ќе ги шпионирам сите крадци на твоите часови.
Ќе ги исфрлам од употреба страните на светот
и светот, по црна ноќ, одмижанка ќе го истрчам
и ќе те фалам и кудам под сите небеса
само да ме сакаш.

Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,
не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,
со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам
само да ме сакаш.

Петре М. Андреевски, Дениција (1968)

July 16, 2011

Козата и комшијата

 

Балканот никогаш нема да стане Западна Европа како што и козата никогаш нема да стане тигрица.

Пишувам, затоа што сакам комшијата да чуе што имам да кажам.

Козата на комшијата не ме интересира. Ниту што прави, ниту како се храни, ниту со колку јарци општи.

Ако комшијата ме замоли да му ја причувам, ќе го направам тоа, а ако цркне козата, ќе му изразам сочувство на комшијата.

За козата на комшијата толку.

Сега нешто да му кажам на комшијата.

Комшијата сакам да знае дека, трошењето на неговото време за анализа на мојот социјален, емотивен, финансиски и професионален живот е правопропорционално со развојот на мојот социјален , емотивен, финансиски и професионален живот.

Според едноставна формула, мерено преку единицата мерка време (која е најскапа единица мерка за квалитетно живеење во 21 век) може да се дојде до резултат дека комшијата, трошејќи го своето време за мојот живот,  всушност инвестира во мојот, наместо во сопствениот живот.

Резултатот е поразителен.

Гледано од колективен аспект, ако мнозиниството комшии инвестираат во туѓото време, наместо во сопственото, се доаѓа до реалната слика за живеењето во едно општество а тоа е: нема колективен развој, промените се инертни и тешки, а времето врви….

Да се разбереме, реалноста кажува дека живееме на Балканот во 21 век.  А тоа е многу контрадикторна работа.

А се додека сме притиснати од контрадикторноста, ќе не боли како што боли кога носиме чевли со број 38, а стапалото ни е скроено за чевли со број 40.

А да, а оние кои ќе бидат храбри и ќе ги соблечат чевлите за да не ги боли и за полесно да чекорат со времето, нема да чувствуваат веќе болка во стапалата, туку болка во душата бидејќи Балканот по кој чекорат ќе ги изгребе нивните табани.

 

 

 

July 13, 2011

Сон

Сите ние сонуваме. И кога спиеме, и кога сме будни.

Во меѓувреме, живееме…

Можеби немаме право да влеземе лесно во нечиј туѓ живот, но можеме многу лесно и едноставно да влеземе во нечиј туѓ сон.

Исто е е за мојот сон.

Мислам дека е само мој, а внатре.. познати  и  непознати ликови и места, блиски и далечни енергии, добри и лоши луѓе, живи кои во сонот се мртви, мртви кои во сонот се живи, душата на еден со ликот на друг, нечиј карактер во поинаква улога…

Тоа е убавината на сонот.Неговата бесконечност, непредвидливост, на моменти совршен, на моменти крајно вознемирувачки.

Но, најубави ми се празните сонови.

Знаете, оние сонови кои настапуваат после преубав, преемотивен, пресончев, пречист ден, по кој што сонот што следи е еднаков на совршена тишина во ноќта, проследена со стабилно дишење, романтичен срцев ритам а  во сонот нема никој…

И, кога ќе се разбудиме од празниот сон,  се гледаме очи во очи со преубавата реалност…

July 7, 2011

Живот

Гледајќи го светот од мој агол, целата  таа еуфорична трка да се добие повеќе одошто се има а да се загуби помалку , влогот да биде мал а профитот голем, патот да биде полесен а добивката поголема, си помислив, се додека сме живи, разликата помеѓу добивката и загубата е само нијанса.

Единствената вистинска добивка се вика живот, а единствената вистинска загуба се вика смрт. Тоа се двете страни на паричката, тоа се деловите на едно деноноќие, тоа се сонцето и месечината.

Кога имам емоции во мене, сакам да излезат. Да се родат  на ова парче бела позадина  што исто така ја нарекувам живот.

И ова е живот. Секоја буква, секоја запирка, секој збор, секоја реченица.

Живот е моментот на вдишување и издишување, моментот на тишина, моментот на музика во позадината на битисувањето, моментот на солзите, срцебиењето, воздишките. Моментот на болката, моментот на чувствувањето на болката на тие што ги сакаш, моментот на споделувањето.

Живот за нечија прерана смрт.

Почивај мила во мир.

July 6, 2011

Да не должам многу

Да не должам многу

Понекогаш, доволни се  неколку реченици

Понекогаш, доволен е еден збор

Понекогаш,  доволна е само тишината

Убаво е,  кога од високо, ја делиш со некого тишината и.. толку е доволно.

July 1, 2011

Државата по редицата се познава

Често одам во Дом на АРМ, на редовните концерти на Македонска филхармонија.

Ја следам работата на нашата филхармонија и  ги поддржувам музичарите  бидејќи и покрај тоа што не се доволно мотивирани во држава како нашата, сепак  прават убави концерти.

Него, друго ми е муабетот.

По завршување на последниот концерт на кој бев, сите се упатија накај гардеробите.

Едни застанаа на средина. Од старт направија збунка од каде почнува редицата. Други се истуркаа први на перверзно некултурен начин и си ги земаа палтата. А останатите направија ред кој не се помрдна додека првите две категории  не си ја завршија работата.Така е за се кај нас. Едни се на средина , прават збунка, не знаат кај тераат и чекаат некој друг да им ја заврши работата. Други си ја вршат „успешно“ работата туркајќи се  непристојно и газејќи се пред себе. А трети се однесуваат културно и доцна си ја завршуваат работата. Или се осеќаат зафркнати.