Archive for September, 2011

September 7, 2011

Република Македонија

Утре е голем ден.

Дваесет години не се бројка што треба да се занемари.

Понекогаш, доволни се и дваесет дена да се направи врвно уметничко дело или да се креира совршен производ.

Но, што се случи со нашите колективни 20 години?

Гледано од аспект на поединец,  во 20 години живее сеуште недооформен  кревок и млад организам, со недоуредени ставови, премногу ентузијазам а премалку искуство.

Од аспект на колективен идентитет, во 20 години државност живеат неколку генерации со различни ставови, оформени и недооформени, сигурни и збунети, добри и лоши со слична или различна идеологија. Некои со премногу ентузијазам, други со премногу искуство.

Што ми е поентата?

Поентата ми е дека ако јас како индивидуа која има повеќе од 20 години и која живее во држава која полни 20 години, доколку утре не се појавам на прославата по повод денот на независноста , не значи дека НЕ СИ ЈА САКАМ ДРЖАВАТА.

Имено, мене лично проектот Скопје 2014 ама баш ИЧ не ми е по вкус и воопшто не ми се допаѓа распоредот на споменици во Центарот на Скопје . И не се чувствувам помалку „патриот“ од оној што ќе излезе утре да ракоплеска и да вика „ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА“ по центарските Скопски улици, особено што Македонија не е само Скопје (иако пола од жителите од другите градови веќе на ангро се преселени во Дебар Маало, Карпош и Кисела вода).

И кога веќе би требала да кажам мое мислење како сакам да се одбележи независноста, тоа секако би било нешто симболично кое би се организирало низ секој град во државата. Да се осети секоја точка од државата дека припаѓа на една целина а не дека таа целина е возможна само доколку секоја точка се дотркала до Скопје.

И навистина не се чувствувам помалку Македонка, од оние што утре ќе излезат да се сликаат со споменикот на Воинот на коњ, Музејот на жртвите или Триумфалната капија.

Јас ете  се имам сликано со врвот на Кораб , Титовиот врв, врвот на Водно, Кањон Матка,Радожда, Галичица, Дојран,Стење, Крушево, Беровско, Гевгелија, Куклице, Кокино, Пчиња, Радика, Хераклеа, Стоби, Косоврасти, Тиквешко, Преспа, Кумановско….

И не се чувстувам помалку Македонка од оние кои утре ќе слушаат новокомпонирани патриотски песни посветени на Македонија, бидејќи има луѓе кои дома , со длабоки емоции ги имаат изнаслушано и Васка и Бадев, и Зафир , Драган и Сашка.

И не се чувствувам помалку Македонка од оние кои утре ќе излезат да ја гледаат македонската култура на улица, бидејќи има луѓе кои со полно внимание и длабок респект ги погледнале изведбата на Хамлет во Драмски, извонредните концерти на Архангел, Фолтин, Bei d fish, ги следеле концертите на Македонската филхармонија, знаат минимум 5 значајни филмови од македонска продукција,го читале Славко Јаневски, знаат бар еден стих од Дениција , ја знаат наизуст Т’ га за југ, знаат кој е Пеце Атанасовски, погледнале изложба од Мартиновски или  Мазев.

И навистина се чувствувам горда Македонка во моментите кога нема да направам ниедна грешка кога говорам и пишувам на македонски и кога како од пушка одговарам на прашањата на странците кои се интересираат за нешто поврзано со нашата земја.

И кога ги критикувам постапките на една власт, не значи дека сум по default опозиција. Ако не размислувам како „едните“, не значи дека сум за „другите“. Ако ми се допаѓа Триумфалната капија во Париз повеќе од Триумфалната капија во Скопје, не значи дека размислувам предавнички. Ако утре се омажам за Хрват, Грк или Шкотланѓанец, не значи дека помалку си ја сакам татковината.

Период од 20 години е период на развој. Континуиран развој и  посветеност. Не е период во кој треба да се гордееме и со воодушевување да збориме дека имаме НОВИ АВТОБУСИ и за тоа да се пишува по медиумите и да се снимаат скапи реклами. Побогу, па тоа ни следи без коментар!! Луѓе се качија на Месечината аман! Јапонците спасуваат цели нуклеарни централи а Американците регулираат и водат еден огромен систем од човечки ресурси, природа и технологија. Цел свет почна да учи кинески а кај нас голем дел од популацијата не знае ниту македонски, ниту англиски. Глобалните компании развиваат производи и склучуваат договори од илјадници страници а ние се расправаме на суд за договори кои во времето кога сме ги потпишале не сме го прочитале ниту насловот. Научниците измислуваат вакцини против најстрашните бактерии а ние немаме пари за цитостатици. Светот има опции а ние како да немаме друг избор.

Ја сакам оваа земја, како што го сакам и Скопје на начин опишан во „Шармот и градот“.

И посакувам се најдобро да и се случи. Нека ни е честит денот на независноста.

September 5, 2011

Што ме мотивира

Ме мотивира кога почнувам од нула.

Од подножјето…

Полека, чекор по чекор, внимателно но упорно.

Ме мотивира кога ги совладувам пречките. Една по една…

Пречката е поставена за да добие решение. Потоа се претвора во убав пат.

И пак нагоре…

Ме мотивира кога на патот по кој се движам, иако на моменти е тежок, сепак вреди да се чекори по него. Што поради прекрасните пејсажи, што поради енергијата на тие што чекорат со мене.

Тоа е доволен доказ дека патот по кој се движам е оној вистинскиот.

Ме мотивира болката. Онаа убава болка која се чувствува во моментите кога патот станува тежок, но сакам да останам на него и да се борам.

Ме мотивира  борбата. Онаа борба која започнувам да ја водам во моментите кога многумина креваат раце, се откажуваат, се чувствуваат беспомошни, плачат, страв им е..

Ме мотивира и борбата на другите. Особено на оние кои водат уште потешки борби од мојата, а сепак се секогаш исправени и достоинствени.

Ме мотивира резултатот на трудот на талентираните уметници, на оние кои свесни за својот талент, животот го посветиле на споделување на својот талент со светот и донеле голем бенефит . Бенефит во форма на среќа, воодушевување ,уживање, срцебиење и солзи радосници. Тоа се оние моменти кога плачам читајќи ги писателите кои ги сакам, кога уживам слушајќи ја музиката која ме опушта, кога се воодушевувам гледајќи во уметноста на импресионистите , кога го чувствувам срцето кога победува тимот за кој навивам.

Ме мотивира посветеноста. Посветеноста на мајката и нејзините непроспиени ноќи додека нејзиното дете мирно не заспие. Посветеноста на таткото кој го учи синот да скија подобро и од најдобро платениот ски-инструктор. Посветеноста на учителката која им пренесува толкава љубов и доверба на своите ученици до толкава мера да тие, и после 20 години по завршувањето на училиштето чувствуваат топлина во срцето кога ќе помислат на училишните денови поминати на нејзиниот час. Посветеноста на оној кој тренира и вложува во спортот преку своето срце и од љубов, а неговиот успех ги полни срцата на другите.

Ме мотивира чесноста и искреноста. Ми дава надеж дека животот може да се одживее и без back up опција.

Се додека има работи кои ме мотивираат, ќе живеам добро и среќно.