Archive for October, 2011

October 31, 2011

Фраери ли се фраери

Наспроти градски гревови
на ниски камења студени
така на Ленинова фраери
седнале та заседнале

Фраери ли се фраери
урбани маки големи!

Стани си денес покасно
дојди си ноќе подоцна,
наутро кешче понеси
навечер цура донеси

ај, пусти да е, пуст да би
останал тежак ли живот фраерски!

Роди се човек – мангуп биди
роди се човек – бизнис води,
цел живот друг да ти работи
за твои куќи имоти,

за твои бели дворови
копај си медиум базени!

За себе само јади си
за себе виски локај си
нижи  си гердан девојки
за викенди потковани

нижи си синџир позлатен
околу вратот навезен!

October 26, 2011

За Љубовта од Стендал

Налетав во домашната библиотека на De l’amour од Stendhal, па решив да споделам еден дел од книгата кој го цитира Законикот на љубовта од XII -ти век

I    

Брачната врска  не е законско извинување против љубовта.

II   

Кој не умее да чува тајни, тој не умее да љуби.

III 

Никој не може да се предаде на две љубови одеднаш.

IV 

Љубовта секогаш може да расте или да се намалува

V  

Нема задоволство во она што еден од љубовниците насила го одзема од другиот.

VI 

Мажот обично љуби во зрелата возраст.

VII

На едниот од љубовниците му се препорачува да после смртта на другиот остане     вдовец две години.

VIII

Никој без оправдана причина не смее да биде лишен од правото на љубов.

IX

Никој не може да љуби ако не верува во љубовта и ако нема надеж да биде сакан.

X

Тврдоглавоста најчесто ја брка љубовта од куќата.

XI

 Грешка е да се љуби онаа жена која човек, од срам, не би ја сакал за сопруга.

XII

Вистинската љубов чезнее само за милување на онаа која се љуби.

XIII

Разгласената љубов, кратко трае.

XIV

Лесниот успех и ја одзема магијата на љубовта, препреките и даваат вредност.

XV

Секоја личност која љуби, пребледува кога е погледната од љубениот.

XVI

Човекот затреперува кога одненадеж ќе ја здогледа саканата личност.

XVII

Новата љубов ја заменува старата.

XVIII

Единствено заслугата ја прави достојна љубовта.

XIX

Љубовта која се гасне, брзо исчезнува а ретко оживува.

 XX

Вљубениот е секогаш кревок.

 XXI

 Кога има вистинска љубомора, љубовната тензија секогаш расте.

XXII

Сомнежот и љубомората кои од љубовта произлегуваат, го зголемуваат нејзиниот интезитет.

XXIII

Оној кој е опседнат со мислите за љубената, помалку спие и помалку јаде.

XXIV

Секоја постапка на вљубениот завршува со помисла на саканата личност.

XXVII

Вљубениот не може да се засити од уживањето со саканата личност.

XXVIII

И најбесцелниот знак кај вљубениот предизвикува кобни сомнежи за саканата личност.

XXIX

Преголемата навика да се ужива, го спречува раѓањето на љубовта.

XXX

Личноста која љуби е непрестајно е окупирана со ликот на саканиот.

XXXI

Ништо не може да спречи да една жена биде љубена од двајца мажи, а еден човек да биде сакан од две жени.

 

October 26, 2011

Писмо

Почитуван Ф.

Сигурно добивате стотици писма на ден и ова сто и прво писание не верувам дека нешто повеќе ќе ви значи, но јас потајно се надевам дека ќе успеам да одвојам неколку минути од вашето драгоцено време исполнето со богата агенда на обврски и ќе им посветите внимание на моите зборови.

Длабоко во себе претпоставувам дека како што ги примате писмата веднаш ги фрлате во и така преполната ваша кошница за отпадоци во вашата работна канцеларија, како некоја убавица која нема веќе  вазни во собата па го остава да венее цвеќето од стотиците мажи кои и го поклонуваат за да и докажат дека се вљубени во неа.

Мојата намера не е да докажувам дека сум вљубена во вас, напротив, мене воопшто вие физички не ми се допаѓате а карактерот не ви го ни познавам. Меѓутоа вие сте човекот на кого сите му праќаат писма, морате да го разберете конечно тоа. Не се лутете, сигурно во овој момент пишуваат уште илјадници прсти на бела хартија. Не се чудете, сигурно во ист момент поштарот ќе ви затропа со вреќа полна од писма. Немојте да се вознемирувате, прифатете го тоа како нов дел од вашиот живот.

Ценете го тоа што добивате писма.

Ви текнува ли како заврши полковникот на кого немаше веќе кој да му пишува?

Еве цитат од последниот дијалог помеѓу него и сопругата:
„Жената очајуваше.
– И до тогаш, што ќе јадеме – праша и го зграпчи полковникот за јаката од фанелата. Го стресе силно.
– Кажи ми што ќе јадеме.
На полковникот му требаа75 години – 75 години од неговиот живот, минутка по минутка, за да дојде до овој миг. Се почувствува возвишен, јасен, непобедлив, во мигот кога одговори:
– Гомна.“
October 18, 2011

Од време на време

Од време на време

кога пешачејки по разновидните патишта

ќе налетаме на аголот на љубовта,

се јавува единствено чувство

на топлина во градите и сјај во очите.

 

Од аголот на љубовта ,

светот е совршено место за живење,

пространствата се лесни за владеење

и весели бранови канат на дивеење.

 

Стоејќи на аголот на љубовта

се плашиме да не паднеме во бездна

ритамот ни најавува  да продолжиме по патеката

но посакуваме уште малку да потраеме.

 

Од време на време,

кога светот одеднаш ни станува сив и блед

лутајќи по разноразните нови патишта

потајно но силно сакаме

пак да налетаме на аголот на љубовта.

 

 

 

 

 

 

October 17, 2011

Милион твитови (Цела)

Зар веруваш во мене

Твитерџија што ги нуди

сите можни твитови.

И веќе одамна, тоа не сум јас

тоа е некој што те следи

и ужива во твитање.

Рефрен:

Секој обид да ме следиш

ќе ти се врати како ретвит, како добар меншнинг.

Јас сум човек кој, живее од твит

кој се плаши да те тролне.

Не знам дали остана, бар малку фејзбук во мене

или се исчезна во хаштагот.

Радосен, неуморен, твитам опасно

за мојте милион фоловерс.

Единствен е разлог да

продолжам да живеам

и нема начин да ме промениш,

се што можеш е да ме ретвитнеш.

Не мисли колку сум променет

и дека надвор имам се што ми е потребно.

Погледни! Ќе видиш само еден обичен смртник

за твитап и револуција.

Рефрен: Секој обид да ме следиш….

October 12, 2011

Љубавно

Кога ја љубев Дениција,

како да калемев светлина на мракот,

како да топев снегови фатени во движење,

како да станував единствен сведок

за бакнежот меѓу металот и громот.

… додека трчав кон неа,

како што не можев да видам ништо освен неа,

како што таа живееше додека јас умирав,

како што и јас не знаев како би умрел,

ако таа не се родеше.

 

Петре М.

October 9, 2011

Есенска

Студот навлегува во собата немоќна  да го спречи ладниот воздух  да надојде под прекривката. Прозорецот е ослабен  од годините на сонце, дожд, снег и студ што натежнале над неговите капаци , изнемоштен од времето кое само по себе му прави белези, лузни и пукнатини.

Лисјата паднати покрај сопственото дрво се утрински милувани од штиклите и газени од ѓоновите а навечер есенските ветришта ги носат на друго место, под некое туѓо дрво.

Лицата на минувачите се побледи од летото, но порумени од зимата. Замислени се небаре се чудат што ги снашло непосакуваното меланхолично расположение.

Летните авантури, одеднаш посакуваат да најдат верна љубов.

Книгите се радуваат бидејќи ќе бидат вртени нивните страници од нечии топли дланки.

Уличните кучиња стануваат многу тажни а природата на мачките веќе им нашла некое топло засолниште.

Накај поголемите градови патуваат музичките и филсмките фестивали.

Есен е.

 

October 6, 2011

Кратко и јасно

Најтешките животни улоги според мене се:  РОДИТЕЛ, ЛИДЕР И БОРЕЦ
Родител – од своето дете да направиш добар човек;
Лидер – својот бизнис/држава/народ/тим да го направиш препознатлив и посакуван;
Борец- да се бориш против тешките болести и за своето здравје , да победиш и да останеш жив.
Најлесните животни улоги според мене се: мрчатор, хејтер и сеирџија.
Многу мои блиски луѓе кои во улогата на родител и лидер беа совршени, не успејаа со улогата на борец.

Истовремено денес замина и еден борец и лидер чии инспиративни говори ми ја сменија перцепцијата за светот.

RIP Steve Jobs

October 4, 2011

За Корчагин

Благодарам Мамо што ме запиша во Корчагин во времето кога имав само 14 години и кога сама да одлучувам за мојата иднина не беше возможно без твојот ценет совет.

Благодарност и до Тато што ја поддржа одлуката на Мама , што не беше незаинтересиран и зафатен со задоволување на свои лични интереси па само да кажеше:„ Ма каде сака нека учи, битно е школо да заврши.“

Ама за мене Корчагин не е секое школо.

Барем на времето, Корчагин беше цела една идеологија.

Благодарам Корчагин што ме научи да градам свое мислење, да почитувам авторитети, да верувам во себе, да ја сакам уметноста, да слушам добра музика, да сум вљубена во философијата, да ја почитувам математиката.

Благодарам и на мојата генерација што ме научи како да бидам своја и  што ме научи колку е добро да се развива сопствениот талент, каков и да е.

Еве што научив за 4 години во Корчагинските клупи:

1. Научив дека да изгледаш секогаш убаво, средено, чисто и префинето не е баш едноставна работа. (посветено на нашата Мис на Македонија и другите убави девојки од Корчагин)

2.Научив дека манипулацијата е основниот инструмент за раководење со народот(посветено на школските кои уште од средно се занимаваа со политика и беа политички активни)

3.Научив уметноста да ми е дел од секојдневието (посветено на талентираните уметнички души, аматерските театарски групи, прекрасните текстови и писмени на часот по македонски, инспиративните муабети на час по философија, кудос за Сидо)

4. Научив дека многу работи во животот па дури и клучните животни одлуки се решаваат преку математика и логика  (посветено на талентираните математичари и секако главното обележје на РЈК од мое време- математичка гимназија)

5.Научив дека најтешките моменти во животот се лечат со добар хумор (посветено на најсмешните анегдоти и досетки пренесувани на ливчиња од клупа на клупа за време на школскиот час)

6.Научив дека да си доследен, уреден , педантен и вреден не значи дека си само досадна бубалица, туку дека си посветен во тоа што го правиш и тоа кога тогаш ќе резултира во личен успех (посветено на нашите бубалици кои плачеа на 5 минус а крахираа на 4 плус)

Гледајќи ја после толку години мојата Корчагинска генерација ( режисери, доктори, професори, архитекти,адвокати, бизнисмени, слободни уметници, информатичари, политичари, печалбари во иностранство кои добро заработуваат итн), можам да заклучам дека секој го избрал својот пат, секој го изградил СВОЈОТ КАРАКТЕР.

А тоа е најбитно.

Да знаеш каде припаѓаш. Да се пронајдеш себеси.

Не знам дали Корчагин денес е тоа што беше некогаш. Ако е, ќе бидам пресреќна. Ако не е, тогаш тешко на новите генерации. Бидејќи без изграден карактер, тешко се гради било што друго.

October 2, 2011

Неподносливата леснотија на постоењето или подносливата тежина на живеењето

Да замислиме дека сме дојдени некаде до средината и одеднаш добиваме право да почнеме одново, од самиот старт.

Времето е вратено назад а нам ни е дадена втора шанса преку која можеме да постигнеме подобри резултати, да станеме подобри луѓе, да имаме поубав живот.

И ете , го почнуваме  стартот со желбата да ни биде подобро од претходно, среќни за сознанието дека сме го добиле назад и времето што сме го потрошиле.

И доколку сме мислеле дека претходно сме ја имале неподносливата леснотија на постоењето, сега после дадената втора шанса сфаќаме дека ја добиваме подносливата тежина на живеењето.

Кундера е во право. Да ни дадат и 20 животи, нема да знаеме како е најправилно.

И ако ги земеме во предвид муабетите за релативитетот почнувајќи од библискиот момент дека Јаков седум години и служел на Рашела а тоа нему му се чинело дека се само неколку дена, преку Ајнштајн и неговата класика дека времето тече само по себе независно од постоењето и движењето на телата, па се до текстот кој го прочитав пред некој ден  а кој преслатко ме изнасмеа и кажа: „Наутро се будиш, гледаш во саат : 07:00, отспиваш уште 5 минути, повторно гледаш на саат 08:30! Одиш на работа, гледаш на саат : 13:00, работиш дваесет минути, повторно гледаш на саат 13:02! Навечер тргнуваш да се сексаш, гледаш на саат 22:30, се сексаш саат време, повторно гледаш на саат 22:40!“ ќе сфатиме..

И тогаш, повторно ќе ја живееме среќата и ќе ја надминуваме тагата. Ќе се бориме со лошите влијанија а ќе уживаме кога ќе најдојдат добрите влијанија. Ќе мислиме дека некој друг, на некое друго место, во некоја подобра ситуација искористил некоја поинаква шанса за да направи нешто поубаво за светот и да доживее среќа поголема од нашата.

И повторно некоја убава жена посакувана од стотици погрешни мажи ќе седи сама во паркот набљудувајќи ја хармоничната прошетка на една не толку убава жена, сакана од вистинскиот маж.

И повторно некој ќе вложи премногу а ќе добие помалку од другиот што вложил малку а добива премногу.

И повторно некој ќе загуби нешто што многу му значи за да тоа исто нешто му припадне на друг за кој тоа и не е баш толку значајно.

И повторно некој ќе купува од поскапото овошје на пазарот затоа што ужива седум минути гледајќи една волшебна насмевка. Насмевка која редовно на крајот му предизвикува голема тага поради сознанието дека до наредната средба треба да помине седум дена со некој кој не му подарува насмевка.

И повторно на некого ќе му заврши животот во моментот кога на друг му почнува.

И повторно, тие како мене, ќе се радуваат кога ќе им почнат минутите одвоени за пишување, без оглед на тежината во моментот на нивното живеење, или неговата леснотија.