Благодарам Мамо што ме запиша во Корчагин во времето кога имав само 14 години и кога сама да одлучувам за мојата иднина не беше возможно без твојот ценет совет.
Благодарност и до Тато што ја поддржа одлуката на Мама , што не беше незаинтересиран и зафатен со задоволување на свои лични интереси па само да кажеше:„ Ма каде сака нека учи, битно е школо да заврши.“
Ама за мене Корчагин не е секое школо.
Барем на времето, Корчагин беше цела една идеологија.
Благодарам Корчагин што ме научи да градам свое мислење, да почитувам авторитети, да верувам во себе, да ја сакам уметноста, да слушам добра музика, да сум вљубена во философијата, да ја почитувам математиката.
Благодарам и на мојата генерација што ме научи како да бидам своја и што ме научи колку е добро да се развива сопствениот талент, каков и да е.
Еве што научив за 4 години во Корчагинските клупи:
1. Научив дека да изгледаш секогаш убаво, средено, чисто и префинето не е баш едноставна работа. (посветено на нашата Мис на Македонија и другите убави девојки од Корчагин)
2.Научив дека манипулацијата е основниот инструмент за раководење со народот(посветено на школските кои уште од средно се занимаваа со политика и беа политички активни)
3.Научив уметноста да ми е дел од секојдневието (посветено на талентираните уметнички души, аматерските театарски групи, прекрасните текстови и писмени на часот по македонски, инспиративните муабети на час по философија, кудос за Сидо)
4. Научив дека многу работи во животот па дури и клучните животни одлуки се решаваат преку математика и логика (посветено на талентираните математичари и секако главното обележје на РЈК од мое време- математичка гимназија)
5.Научив дека најтешките моменти во животот се лечат со добар хумор (посветено на најсмешните анегдоти и досетки пренесувани на ливчиња од клупа на клупа за време на школскиот час)
6.Научив дека да си доследен, уреден , педантен и вреден не значи дека си само досадна бубалица, туку дека си посветен во тоа што го правиш и тоа кога тогаш ќе резултира во личен успех (посветено на нашите бубалици кои плачеа на 5 минус а крахираа на 4 плус)
Гледајќи ја после толку години мојата Корчагинска генерација ( режисери, доктори, професори, архитекти,адвокати, бизнисмени, слободни уметници, информатичари, политичари, печалбари во иностранство кои добро заработуваат итн), можам да заклучам дека секој го избрал својот пат, секој го изградил СВОЈОТ КАРАКТЕР.
А тоа е најбитно.
Да знаеш каде припаѓаш. Да се пронајдеш себеси.
Не знам дали Корчагин денес е тоа што беше некогаш. Ако е, ќе бидам пресреќна. Ако не е, тогаш тешко на новите генерации. Бидејќи без изграден карактер, тешко се гради било што друго.