Archive for November, 2011

November 30, 2011

Најслатката тишина

Да.

Онаа тишина која настапува кога вие двајца сте толку доволни еден на друг што посакувате да навлезете најдлабоко еден во другиот и да се претворите во заедничката суштина.

Да се обземете и да се одземете.Да ги соблечете стапалата и без крилја да се вивнете во височините. Да паѓате долго, да дишете бавно, да дишете забрзано и да се смеете.

Онаа тишина која настапува кога се гледате толку долго што не можете да се изнагледате. Кога не знаете дали ќе стигнете да се изнамилувате. Кога секој дел од од вашето создание ви е еднакво важен да го почуствувате.

Кога сте заборавиле на вашиот омилен бенд , вашиот омилен пијалок и на тоа каде сте ги оставиле клучевите од колата.

Кога не ви е гајле што вашиот најскап фустан ја собира прашината на подот.

Кога не сте го слушнале звонењето на телефонот бидејќи ја слушате само тишината и звуците на вас двајца во неа. Најхармоничната мелодија. Класиката над сите класики.

Е таа тишина е најслатка.

 

 

November 27, 2011

Збор два за #твитержени

Секоја со својаата висина, тежина, боја на коса, боја на очи, смисла за хумор, смисла за танц, боја на глас.

Секоја со своето ајфонче и андроидче и еден телефон случајно паднат во шахта.

Секоја со по една банана и неколку мандарини во чантата како доказ за задоволување на потребната доза на витамини.

Секоја со својата елеганција во женската доминација односно ненаметливост.

Секоја со различен вкус за мажи но сепак ист: убавиот дечко си  е убав дечко.

Секоја со своето CV, навечер заклучено во работната фиока.

Секоја со свое мислење.

Секоја без глумење лудило, пошто лудилото и е вродено.

Секоја на свој начин прекрасна а заедно совршени.

Секоја од нив е #Твитержена.

 

November 21, 2011

Што ме научија 140-те карактери за 365 дена #Twitter

1. Не бираш кој ќе те следи, кој ќе те сака, кој ќе те обожува, кој ќе ти љубомори, кој нема да те поднесува.

2. Бираш кого ќе следиш, кого ќе сакаш, кого ќе обожуваш, кому ќе завидуваш, кого нема да поднесуваш.

3. Егоистот никогаш нема да стане алтруист и обратно.

4.Скромниот ќе си остане скромен , фотографот ќе си купи нов апарат, хејтерот догодина ќе хејта дупло.

5.Некои луѓе никогаш нема да станат Вмро-вци.

6.Некои Вмро-вци никогаш нема да ги сфатат другите луѓе.

7. Добрата смисла за хумор е талент, талент и талент.

8.Убавата девојка на слика, во живо е поубава.

9.На РТ секогаш треба да се каже благодарам.

10. Од 140 карактери понекогаш се учи повеќе отколку од 1400 страници.

11.На светот постојат добри луѓе.

12.На светот постојат и лоши луѓе.

13.Хејтерството е неприкосновено.

14.Никогаш не е доцна за нови убави пријателства.

…….

140. Twitter е најдобрата социјална мрежа

November 20, 2011

Едноставно жена

Жената едноставно не ќе беше жена

ако немаше денови на грижа

за тоа која маска најпријатно делува на нејзината коса,

за тоа која чанта најубаво прилега со нејзиниот фустан,

за тоа кој парфем најмоќно влијае на  нејзиниот стил.

 

И ако не беше вниманието

потрошено на негата и должината на нејзините нокти,

и згора на тоа еден убав прстен

со камче во иста боја со нејзиниот лак.

 

И немаше да е жена,

без долгото пешачење помеѓу рафтови,

без долгото чекање  пред истите и различни гардероби,

без прекумерното гледање во нејзиниот одраз,

без тагата или радоста што и ја дава секој нов ден.

 

И ако не беше ноќта,

таа едноставно не ќе беше комплетна.

Кога, облечена во најмеката чиста облека

тивко влегува во собата

и заспива и се буди во прегратките на љубовта.

November 6, 2011

Стенд бај текст

1

Ми се спие а од друга страна ми тежи мислата во глава.

Да бев одморена, ќе беше текстов подолг и поубав, ама животот не е секогаш совршен.

Темата е за музика и ноќниот живот во Скопје.

Нека го почека овој текст својот едит. Ќе дојдат и неговите пет минути.

До тогаш, не слушајте  електронска музика пред да ги преслушате Крафтверк и Орбитал.

И не идете од кафана у Сектор.

2

Неколку дена афтер правам продолжение на текстов.

Мислата денес ми е отидена во друга насока, но ќе се потрудам да се сконцентрирам за на крај да стигнам до горепоставената тема.

Минатото на музиката повеќе ми се допаѓа одошто нејзината сегашност.

Неретко во сегашноста повеќе ја слушам музиката создадена во минатото, а помалку музиката создадена во моментов.

Сум се запрашала и зошто.

Можеби затоа што музиката создадена во минатото е музика создадена со повеќе емоции.

Како што се со повеќе емоции  обликувани сите тие вајарски дела во Фиренца, како што со повеќе емоции се создадени делата со кои денес е наполнет музејот на Ван Гог во Амстердам или Лувр во Париз, како што со повеќе емоции Микеланџело творел во Сикстинската Капела, како што со повеќе емоции биле напишани Војна и Мир и Браќата Карамазови.

Денес таквиот пристап кон творењето е речиси невозможен.

И кое ли дете на денешницата ќе седне да прочита книга подолга од 130 страници?

Се прашувам дали брзината на живеењето наметна поинаков пристап кон творењето и дали еден ден,  денешните новороденчиња и нивните поколенија ќе посетуваат технолошки музеи од типот музеи посветени на Епл, Јаху и Гугл, музејот на твитерџиите и уметноста на 140-те карактери и куќата на Фејсбук .

Се прашувам и дали ќе има кој да им посведочи на новите генерации за постоењето на Достоевски, Рахмањинов и  Моне и дали тие ликови ќе им бидат барем малку интересни?

И дали во сета таа технологија на уметноста денес или уметноста на технологијата има емоции и љубов како што имало во минатото?

Следи продолжение деновиве…

3

Да се вратам на тема ноќниот живот во Скопје.

Отсекогаш ми бил чуден ноќниот живот во Скопје, но мислам дека сега, за разлика од порано почнав да го доживувам како фарса.

Не велам дека сум во право, можеби имам доволно многу години за да го доживувам во позитивна смисла. Но ете, отсекогаш ме зачудувале некои работи кои упорно се практикуваат при вечерните излегувања низ мојот град.

Како што маркетите служат за пазарење, киносалите за проекции,  рестораните за вечера и муабет, кафичите за кафе , пијачка и муабет, така и дискотеките и клубовите по логичен ред на нештата треба да служат за забавување. Што ме буни кај дискотеките и клубовите во нашиот град? Во нив се случува се, само не забава.

Дискотеката и клубот имаат ди џеј. Тоа е дечко задолжен да ја комплетира сликата за тоа место и да ја направи уште поубава. Следствено на тоа, луѓето што одат во дискотеката односно клубот треба да ја сакаат и музиката која им ја лансира таа вечер ди џејот во етерот.

Да не забегувам. Поентата ми е дека во нашите дискотеки и клубови, ретко кој ја слуша музиката ниту пак на неа се забавува. Што се дешава? Муабет , Зјапање, Манијакално зјапање, Љубоморно зјапање, Оговарање, Сеир, евентуално гужвање во петок сабота кога све е фул и  пар будали кои се начукале и денсаат. А ако будалите кои се начукале и денсаат се од женски пол, тогаш се бетер будали и некој од Манијакалните зјапачи ќе собере сила да им улета апп.

Тоа е сликата за нашите клубови и дискотеки во задњиве години во Скопје. Поправете ме ако грешам.

November 3, 2011

Нема да стигнам до девет

 

Повторно нема да стигнам до девет,

иако знам дека ти секогаш доаѓаш на време.

Ниту ладни дождови, ниту пеколни ноќи

не ти го менуваат расположението

кога ме чекаш во девет.

 

И секој нареден пат

очекувам промена на твоето лице.

Но добивам повторно иста насмевка,

иста  топла прегратка,

иако не доаѓам во девет.

 

Јас не престанав да не доаѓам на време,

но ти упорно ме чекаше во девет.

Како времето да беше застанало за тебе во девет

и од девет па натаму, се за тебе претставуваше девет.

 

Една вечер, кога повторно не дојдов во девет,

ти не беше таму.

Си помислив,

мора да бил во девет…

 

Еден ден добив одговор.

Никогаш не ми пречеше што не доаѓаш во девет.

Но еден ден, ненадејно

некој друг  дојде во девет.