Archive for December, 2011

December 29, 2011

Честитка

Драги  редовни посетувачи и следачи на мојот блог и сите оние кои случајно налетувате на мене,

Ви посакувам во Новата 2012 година секое утро да ви биде добро утро, секој ден  да ви биде пријатен работен ден, секое попладне да ви биде убаво попладне, секоја ноќ да ви биде лека ноќ а секој викенд да ви биде добар викенд.

И не заборавајте, ако сте во дилема to be or not to be, секогаш изберете to beer! Cheers!

 

 

 

 

December 27, 2011

Моќта на жената

Размислувам на темата која често ме посетува и ми го поставува прашањето: што добивме а што изгубивме со женската еманципација?

Да говорам од името на женскиот род не е фер, бидејќи иако сме ист род, ние жените сме многу различни во нијансите на битисувањето. А нијансите го дефинираат живеењето.

Затоа ќе говорам само од мое име и за тоа како јас ја  доживувам жената во 21-виот век.

Неодамна имав еден статус на социјалната мрежа Facebook кој гласеше вака:

Жената во 21-ви век. На работа – оперативен менаџер, дома- финансиски менаџер, во спална- ивент менаџер, на улица- шофер.

Со други зборови, жената во 21-виот век полага за возачка дозвола уште на 18 години, напорно учи и се бори за финансиска независност, работи вредно за својата кариера, вежба за одржување на  својата витка линија, се труди да остане привлечна и во зрелата возраст, сака да биде авторитетна мајка. Доколку успее да се интегрира во сообраќајот успешно ,  доколку добие менаџерска позиција во компанијата или развие сопствен бизнис, доколку успее да го освои мажот кој и се допаѓа, доколку е во хармонија со нејзините деца, тогаш жената е среќна и чувствува дека постигнала невиден успех.

И да, не можам и не сакам да оспорувам дека тоа е навистина успех. Но, гледајќи ги сите тие успеси некаде длабоко во позадината се поставува прашањето: Во што всушност се состои моќта и среќата на една жена?

Еден умен човек има речено: „Силата на жената е во нејзината слабост“.

Кога жената мисли дека може многу и постигнува многу, всушност и се плаче. Во врвните мигови од нејзиниот живот, жената плаче. Кога го раѓа нејзиното чедо, таа плаче.  Кога завршува успешни животни цели, плаче. Кога нејзините блиски се радуваат, плаче. Кога нејзините блиски се тажни, плаче. Кога е вљубена, плаче. Кога е оставена од љубениот , плаче.

Што помалку жената плаче, тоа повеќе се одалечува од женската суштина.

Токму тука ја гледам моќта на една жена. Не во нејзината цврстина да донесува крупни  одлуки, туку во солзите кои се одраз на нејзината женственост и кревкост. Не во потребата да го одржи столбот на фамилијата, туку во потребата некој  неа да ја држи за рака. Не во намерата континуирано да го освојува нејзиниот сопруг,  туку во  желбата тој да ја гушка додека гледаат филм. Не во храброста сама и недопирлива да чекори по улиците, туку во слабоста некој да ја испрати до дома доцна во ноќта. Не во способноста да зборува на телефон додека ја бутка количката,  туку во потребата да и се помогне додека преминува  улица со своите деца. Не да биде само посакувана, туку да се почувствува сакана и чувана. Не да освојува, туку да биде освоена.

Да биде опеана, извајана, насликана.

Тоа е нејзината моќ.

December 25, 2011

Последниот разговор

Последниот разговор помеѓу нив секогаш се одвиваше доцна во ноќта.

Започнуваше кога долгите бакнежи и препелкања во топлата постела,  се прелеваа во кратки воздишки и искрадени погледи,  додека водеа љубов за последен пат.

Да, тие секогаш водеа љубов за последен пат. И секој последен пат беше најубав.

-Сум ти кажал дека си преубава нели?- ја праша.

-Благодарам на комплиментот- му прошепоти и се сврте на другата страна од креветот.

-Зошто сѐ уште ја имаш онаа почетничка трема со мене? Па толку време помина. – зачудено тој прошепоти.

Таа ја сврте главата накај прозорецот од каде што утринскиот сончев зрак ненадејно го погали нејзиниот поглед и му рече: -Можеби затоа што те љубам.

-Јас те љубам од првиот миг кога те видов смрзната на автобуската станица. Ја носеше омилената шарена капа и зелениот шал. Ти се гледаше само носето.- отсечно рече тој, небаре одговара пред стручна комисија бранејќи ја својата магистерска теза.

Нежно и ги бакна прво носето, а потоа и челото. Ја погали по разбушавената коса.

Кога денот влезе во неговата спална соба, таа знаеше дека треба да си замине.

-Немаме веќе што да си кажеме нели? – го праша.

-Немаме-  одговори.

Викна такси и почна да се облекува. Не сакаше да си ја поправи шминката. Не сакаше да се види ниту во огледалото. Одеднаш почна да чувствува голема болка длабоко во себе. Благо тресење на телото како кога качува температура од ненајавен грип на пролет. Истото чувство го имаше после секој нивни последен разговор, кој започнуваше откако ќе завршеа со водењето љубов, за последен пат.

December 20, 2011

Во градот

Во градот,

каде асфалтот буди спомени од полноќен крузинг

со лименки пиво во вкрстени дланки

и преслушана мелодија од омилен бенд,

Во градот,

каде клупата раѓа спомени од прегратки долги

со претопли бакнежи во ладните ноќи

и ритам на срце споено во две,

Во градот,

каде сивилото го красат обоени очи

со длабоки погледи во еден ист миг

и sвездено небо над љубовен свод,

Во градот,

каде некои имаат улици и згради

со величенствен поглед кон осветлениот булевар,

а тие имаат само љубов.

December 17, 2011

365

Гледано од монетарен аспект, бројот 365 значи еден обилен доручек , ако е во денари или едно седумдневно пливање или скијање , ако е во друга валута.

Гледано од временски аспект, бројот 365 значи многу , особено ако е во денови.

Правејќи ретроспектива на настаните кои ми оставија најсилен впечаток оваа 2011 година, решив да ги соберам во пост.

11.03.2011

Земјотресот во Јапонија

Потресни слики, шок за светот, емпатија, почит. Вчудоневидување и восхит од јапонската култура , посветеност и смиреност. Поддршка во тоа што го правеа за да продолжат понатаму поправајќи ги уништените материјални добра и длабоко а достоинствено жалејќи за жртвите, за кои нема враќање.

05.06.2011

Македонските парламентарни избори

Излегов и го искористив моето гласачко право иако низ ум ми се вртеше онаа: немаше спас, избори беа. Сепак фактите се мајка на знаењето. Власта е секогаш легитимно избрана и тоа благодарение на волјата на мнозинството.

06.06.2011

Движењето „протестирам“

Зошто протестирав? Еве зошто.

08.09.2011

Македонската кошаркарска репрезентација не промовираше во светот. Горди на дечките, со посебна благодарност до Фактор „Бо“

05.10.2011

RIP Steve Jobs. Ми остави впечаток како иноватор, добар продавач на производи и борец.

Од личен аспект, на 22.05.2011  се роди мојот прв блог пост Кога лисјата паѓаат.

Освен што станав блогер, годинава ги искачив Кораб и Титов Врв, завршив сложен проект , го доживеав Париз  , истрчав 5 км  за 34 минути на Скопскиот маратон, запознав нови неверојатни ликови  меѓу кои и Дарјан , Јована, Влатко Васиљ , Здраве.

Но, која сум јас, во споредба со вселената.

December 12, 2011

Новогодишна елка

Елката е еден од најзначајните  симболи на новогодишните празници, после сармата.

Елката е актуелна е околу 20 тина дена. Обично се кити последните десет дена во старата а се раскитува  околу четриринаесетиот ден во Новата година.

Кога јас бев дете, елката ја китевме со лампиони, најчесто во црвена боја и на гранчињата стававме снег од цик цак.

Родителите секој 31- ви Декември ни ја пласираа истата факинг лага дека постои Дедо Мраз и скришум ни редеа скромни подарочиња под елката.

Сега, вистината за Дедо Мраз е разоткриена, ретко кој се радува на скромно подароче и ниедно дете не заспива во 19 и 30, после Мечето Ушко.

Но, да се навратам на елката.

Покрај традиционалниот начин на китење на елки, кој сега благодарение на пазарната економија нуди палета на бои за лампиони ( лампиони со боја на завесите во дневна, лампиони со боја на перничињата во спална, лампиони со боја на цветот на порцеланскиот сервис, лампиони во боја со свилената пижама, па се до вештачки снег на гранчињата на природната елка),  деновиве налетав и на уште неколку интересни примери како да се накити нетрадиционална елка.

Првиот пример е идејата за „ Новогодишна елка од пластични шишиња“.

Вториот пример е новогодишната елка на брат ми.

December 9, 2011

Хејтеризам

Хејтеризмот е интересен правец. Креаторите на хејтеризмот се викаат хејтери.

Еве некои подвидови.

Парт тајм хејтер – Хејтер со човечки особини. Активира хејтеризам во зависност од тоа дали денот му е погоден или сјебан. Ако денот е ок – не хејта. Ако денот не е ок- хејта. Сите сме понекогаш парт тајм хејтери.

Софт хејтер – Поднослив хејтер. Држи континуитет во хејтот без оглед на тоа каков му е денот. Хејта меко и на дневна основа. Обавезно наоѓа причина да похејта на некоја тема, бар на секунд. Никогаш не хејта до степен на навреда. Дозата на цинизам и иронија му е блага и умерена. Нешто како добро сварено средно кафе кое и човек што пие кафе без шеќер а по грешка му свариле средно, од култура ќе го испие.За оние со јак сенс за хумор понекогаш делува прилично симпатично. Хиперсензитивните пак, неретко се бааги иритирани од неговиот стил.

Хард кор хејтер – Ова е веќе категорија која не може да ја поднесе лесно просечниот човек. Од друга страна, ниту хард кор хејтерот  може лесно да го поднесе просечниот човек. Овој подвид хејта јако и во континуитет. Секогаш се труди да го држи истото темпо на хејтање. Се интересира за доста теми и едвај чека да налета на некоја посодржајна тема за да изнесе и посодржаен хејт. Негува висок степен на цинизам во своите хејтови и не се замара дали некого навредил или не. Навредата ја разбира како заебанција или како критика. Може да се разбере само со хејтерите од неговиот подвид и одвреме на време со софт хејтерите, во зависност од темата што се хејта.

Ултимејт хејтер– Оваа категорија не хејта само кога спие. Доколку сонува, хејта и во сон. Хејта до степен на љубов кон хејтерството. Хејта на сите теми, во секоја прилика.  Се што сака, сака до степен на хејтање. Може да се разбере само со хард кор хејтерите одвреме – навреме. Вообичаено предизвикува вербални пиздарии. Доколку е твитерџија , често го користи unfollow, а уште почесто block, за инает. Хејта познати и непознати личности. Највеќе ги хејта тие што зборуваат за љубов и други ведри теми. Ги хејта и тие што не зборуваат за ништо, пошто се глупи. Ги хејта и тие што се праат паметни. Понекогаш се хејта и самиот себе.

Профешнал хејтер– Го хејта парт тајм хејтерот пошо не знае шо хејта. Го хејта софт хејтерот пошо не хејта мушки. Го хејта хард кор хејтерот пошо е талентиран. Го хејта ултимејт хејтерот , пошто му е конкуренција.

December 8, 2011

All you need is love. Избор на твитови за 2011

#Љубов

Позата која победува, не се менува

Ќе престанеме да се чудиме, кога ќе престанеме да веруваме. Којзнае колку е добро, да живееме со помислата дека веќе ништо не може да не изненади

#youtube

Отсекогаш сме ги имале истите будалштии, само сме го немале youtube

#Живот

Понекогаш помислувам дека најголемата животна вештина е, што подолго да се остане жив

#Фудбал

Фудбал е единствениот момент кога жената не се фрустрира, бидејќи е игнорирана поради  вистинска причина

#Random

Доблест е да си скромен. Но одвреме навреме убаво е да те обземат и големите очекувања

#Срамежлив

Срамежливиот кога излегува во град, секогаш ја заборава иницијативата дома

#Капитализам

Жена во капитализам: На работа- оперативен менаџер. Дома- финансиски менаџер. Во кревет- ивент менаџер. На улица- шофер

#Random

Точно е дека секое тенџере има свое капаче. Но често во животот се чувствуваме како ѓезве

#Reality

Колку и да ја игнорираме реалноста преку ден, секогаш е тука да ни посака добро утро и лека ноќ

#Уметност

Вистинската уметност е секогаш постхумно одликувана

#Интернет

Порано доаѓав на интернет за да одморам од напорната реалност. Сега бегам во реалноста за да одморам од напорниот интернет.

#2012

Со желби за  среќна и успешна 2012 – All we need is love, sex, bank deposit and cash.

December 5, 2011

Феноменоменалнологија на турбо-фолкот

Ова е мојата спонтана перцепција на Балканскиот феномен наречен турбо-фолк после кратка бреинсторминг анализа во глава на таа тема и после долгогодишно кафанско искуство.

Како прво да разграничам.

Јас не го разбирам турбо фолкот како музика на Шабан Бајрамовиќ ниту на Звонко Богдан. Тие за мене се Балкански Моцарт и Шопен.

Како второ, jас го разбирам турбо фолкот како добар материјал за миксање со некој од музичките правци, пошто турбо фолкот не го доживувам баш како музички правец.

Еве на пример со метал.

Или симпатичен микс на Сека со Mr. Paul Van Dyk

Како трето, турбо фолкот го разбирам како стимулатор за полесно опијанување и испраќање на смс од типот: барајќи ја во виното вистината неретко наидуваме на партија секс и туѓ долен веш.

Четврто и најсериозно, турбо фолкот е начин на лесно и едноставно заработување на многу пари. Потребен е само еден реален текст и згодна женска. Примери има многу. Почнувајќи од Лепа Брена- Ева на турбо фолкот која преку нејзиниот слатки грех со јаболкото направи растур на овие простори,  преку Цеца- кралицата,  Аца Лукас-кралот па се до некои понови дуети на принц и принцеза и куп бараби како овој:

Друго немам што да кажам за турбо фолкот бидејќи другите се кажале.

And now….pls close your eyes..and enjoy the silence…

December 4, 2011

Зошто ги сакам планините

Живееме во загаден град. Деновиве бил као најзагадениот град на светот. Така пишуваат традиционалниве медиуми. А ние како верни читатели веруваме само во она што медиумите ќе ни го кажат.

Се прашувам, да не беа медиумите, зарем ќе верувавме дека живееме во чист и незагаден град?

Ако се земе во предвид бројот на автомобили по глава на жител , бројот на станови по глава на населба,  бројот на Скопјани по глава на Скопје, бројот на пушачи по глава на непушач, бројот на оџаци без филтер по глава на фабрика, бројот на посадени дрва за Ден на дрвото по глава на исечени дрва од булеварите,  многу едноставно се заклучува дека живееме во загаден град.

Но, мене текстот не ми е за загадениот град, туку за планините.

Зошто ги сакам планините?

Ги сакам затоа што не бараат ништо од мене освен прилагодување на нивната убавина.

Ги сакам затоа што кога чекорам по нив, секогаш ми отвораат пат до целта.

Ги сакам затоа што секогаш нудат свеж воздух, тишина и одвреме навреме природна мелодија која сведочи за тоа дека не сум само јас и не се само луѓето оние кои постојат на планетава.

Ги сакам затоа што ми покажале како е да доживееш четири годишни времиња во рок од 4 часа.

Ги сакам затоа што ме научиле дека за да ги поминам потешките препреки, потребно е да се борам.

Ги сакам затоа што таму и другите луѓе се природни, со нивната природна боја на кожа и природниот поглед.

Ги сакам затоа што се секогаш над градовите а никогаш не ја наметнуваат нивната  величественост, бидејќи се природно величествени.