За рафтингот и другите ризици


Пред една година, додека немав блог, немаше каде да го напишам текстов.

Откако го отворив блогот, се нешто се местеа некои други битни и небитни текстови кои му го земаа местото, се туркаа да испловат на белата површина и да се прогласат за живи.

Но, раѓањето и смртта се судбини, макар се работело и за еден блог пост.

Ќе започнам од Мај 2009 година.

Се собравме фина екипа од Скопје, некои 17 – тина луѓе, дел блиски , дел блиски на нашите блиски, но сите со иста цел и желба- да извозиме рафтинг на најекспонираниот поим од Црна Гора во брза географија-  Тара.

Адреналин, ново искуство, позитивна енергија, така идат тие работи.

Не бев многу упатена од претходно колку може ризично да биде правењето на рафтинг тура во месец мај, кога кањонот од стопените снегови низ зимскиот период е сериозен предизвик.

Кондицијата ми беше на ОК ниво како за девојка , но во овој случај совладувањето на предизвикот зависеше и од кондицијата и подготвеноста на уште осуммина.

Утрото на 01. Мај,  бевме наспани и одморени. Подготвени беа околу 12-тина чамци. Имаше луѓе од цел Балкан. Тргнавме сите во исто време. Секој чамец доби по еден скипер- искусен сплаваш, кој ја поминал Тара во Мај минимум 80 пати во својот живот.

Тргнавме по разбранетата река. Изледавме среќни и имавме доволно кондиција за веслање бидејќи беше сам почеток.

Петнаесет миниути откако тргнавме, наидовме на првиот посериозен дел од реката и тука се случи превртувањето на чамецот. Претходно скиперот не предупреди дека треба да бидеме повнимателни во овој дел од реката и да ги слушаме неговите упатства. Да весла лева страна кога ќе каже тој, а потоа да весла десна. Меѓутоа, нестабилноста на еден тип од нашата екипа кој ги олабави нозете од јажињата и се осети доволно моќен и сигурен во себе дека можеме да  поминеме и без должното внимание и согласно школските упатства за рафтинг, предизвика тој  да изгуби стабилност од еден појак бран врз чамецот и да падне во водата.

Со неговото паѓање, потребната рамнотежа се изгуби, чамецот не поклопи и ние сите потонавме во ладната вода.

Тогаш ми се случи она кое сите што доживеале посериозна незгода од која се спасиле и останале живи, го нарекуваат соочување со смртта.

Како прво, шокот од самото превртување. „Леле луѓе што направивме“?! Паѓаш и одеднаш се наоѓаш под вода која е толку немирна и те врти како бубањ,  а ти се препелкаш во јаже и пробуваш да се ослободиш од него додека те бутка нечија рака, те притиска нечија нога . Многу време за мислење немаш бидејќи воздухот под вода е краток.

Додека се отплеткував од јажето, помислив само на три работи кои долго време после тоа ми се вртеа низ главата:

1.Дали ќе преживееме ?!

2.Што и направивме на Мама? ( бидејќи на чамецот беше и брат ми) и

3. Ми се живее !

Толку време имав. Со последните голтки воздух излегов некако на површината од реката. Ме удри силен бран во кацигата. Почна да ме влече водата. Немав веќе сила , имав воздух но дишев кратко и отсечно поради шокот и паниката. На површината се слушаа пискотници, не толку силни бидеќи гласот на реката беше помоќен од гласовите на луѓето. Си помислив тешко некој да преживеал.

Одеднаш позади мене видов весло и луѓе на чамец кои викаа да го дофатам веслото. Немав сила. Мислам дека почнав да се предавам во моментот кога две човечки раце ме фатија за јаката од шушкавецот, па ме подигнаа под рамениците и ме фрлија како човек плус на чамецот. Имав сила да прашам само: Другите дали се живи?

Ми дадоа да се напијам ракија заради циркулација. Рацете ми беа модри . Имав мала повреда на челото. Другото се ми беше на место. Само срцето ме болеше и чукаше вознемирено. Не знаев што се случува со брат ми, братучетка ми, другарите. Се тресев што од студ што од немир,но спасувачите беа насмеани. Беа од Србија. На истото место две години после нас, двајца Словенци го загубија животот .Не успеале да излезат до површината, срцето им откажало од температурниот шок.

Во меѓувреме, други чамци ги спасуваа и другите давеници. Тројца сами дојдоа до копното. Сите беа живи и никој не беше посериозно повреден.

Откако се пребројавме, моравме да се вратиме на нашиот чамец и да го довесламе патот од уште 4 км.

Беше полесно бидејќи најопасниот дел од реката веќе беше позади нас. Но беше мачно бидејќи бевме премрзнати, модри и не беше задоволството исто како на почетокот.

Меѓутоа бевме среќни. Останавме живи и здрави.

Наредниот ден имавме пак иста тура рафтинг.

Но, повеќето не отидовме. Кој поради болка во ногата, кој поради траума, кој за да одмори.

Што научив?

1.Слушај ги знаците на природата.

Природата ти дава неверојатно задоволство но бара од тебе максимално да ја слушаш и да и се посветиш. Дечкото кој имаше самодоверба и беше опуштен поради тоа што повеќе пати ја веслал Тара, не требаше да ги извади нозете од под јажињата и да се опушти. И Митикас на Олимп го качиле стотици планинари но доволен е еден погрешен лабав чекор за да се случи дното, наместо врвот.

2.Непознатите се спасители.

Не спасија луѓе кои не ги познававме. Се изложија и самите на ризик бидејќи спасуваа од ризичен дел на реката. Не се плашеа да не спасат. Не се плашеа да не се повредат спасувајќи не. Беа вистински херои а вусшност беа исто како нас, дечки вљубени во адреналин, дојдени на задоволството наречено рафтинг. Вечно ќе им бидам благодарна.

3.Живот и судбина.

Не можам да ја објаснам судбината, но верувам во нејзините чуда. Верувам дека треба да постоиме додека треба да постоиме. Верувам дека ни се даваат шанси. Верувам дека треба да ги искористуваме шансите. Меѓутоа треба многу да внимаваме и да ги почитуваме правилата, за да се заштитиме себеси и другите кои ги водиме со нас, од ризиците на животот.

4 Comments to “За рафтингот и другите ризици”

  1. Да, тоа што ти го опишуваш во многу се совпаѓа со искуствата на рафтери кои ја доживеале истата судбина, да речам. Во право си, прво шокот од превртувањето, грч ладна вода која буквално те парализира и вртоглаво премотување на целиот живот во тие неколку секунди/минути додека буквално се бориш да избиеш на површината. Ама и покрај ваквото искуство, штета е да не се оди на рафтинг. Пак. 🙂

    Да ти предложам друга тура? Рафтинг на Неретва, ама во јули, затоа што е толку ладна да и крвта ти се леди и кога се најголемите горештини.
    И попатно свратување на Борачко езеро. Греота е да се пропушти таква убавина.
    Еве и линк за сместување и рафтинг, проверено од прва рака. 🙂 http://www.villa-neretva.com/index.html

    Друга тура: Уна регата. Уживанција за сите пари! 🙂
    Линк: http://www.una-rafting.ba/index.php – овде не сум била, биле мои пријатели.

  2. 🙂 Благодарам за препораките и коментарите. Добро ме потсети, заборавив битна работа во текстот да напоменам. Пред овој судбински рафтинг, сум била на рафтинг тура на реката Цетина, во Хрватска. Значително поблага река, меѓутоа и таму превртување би можело да заврши трагично. Секој пад е пад нели. Е таму, на чамецот бев со екипа Австријци и толку беа дисциплинирани, што ја извозевме турата совршено. Чисто мала споредба:)

  3. Е, да. Рафтинг нејќе многу курназење. 🙂 Малку треба за да летне главата. За жал 😦

  4. супер текст, anyway нема шала треба да се весла и толку, ако некој забушава тогаш врбка работата

Leave a comment