Archive for February, 2012

February 29, 2012

Трета опција?

Во оваа наша држава како да има само по две опции:

Или си патриот или предавник

Или си пред турска серија или си на интернет

Или си сељак или си хипстер

Или си сингл или имаш 2-3

Или немаш ниеден кредит, или имаш 2-3

Или тераш шопинг  во Солун, или немаш шопинг

Или збориш се и сешто, или не зборуваш ништо

Или правиш рекет или играш тенис

Би продолжила, но ме чекаат #твитержени

February 26, 2012

Не те сакам

Не те сакам зошто првиот ден ме сакаш, вториот ден не ме сакаш а третиот ден не знаеш што сакаш.

Не те сакам зошто носиш лоши фармерки кои добро ти стојат и носиш добра кошула која лошо ти стои.

Не те сакам зошто си ги сакал девојките кои јас не ги сакам.

Не те сакам зошто не те интересира што другар ти ме сака.

Не те сакам зошто мислиш дека лошо возам, само затоа што сум жена.

Не те сакам зошто ми кажуваш дека ме сакаш секогаш кога спијам,  никогаш кога сум будна.

Не те сакам зошто намерно го мразиш бендот што го сакам.

Не те сакам зошто не ме слушаш кога треба, а ме слушаш кога не треба.

Не те сакам зошто не си таму , кога сум најубава.

Не те сакам зошто се појавуваш само тогаш, кога ќе помислам на љубов.

Не те сакам зошто те снемува баш тогаш,  кога посакувам да останеш.

February 25, 2012

Мојот рецепт за добро здравје

Мојот рецепт за добро здравје  е составен од три смеси.

Прв дел од смесата : два литра вода , три јаболка, чинија житарици со јогурт или кисело млеко, две – три турски кафиња без шеќер, домашно зготвено јадење, чаша црвено вино, чинија житарици. Сето тоа убаво измешано се конзумира во текот на 12 часа заедно со другите два дела од смесата.

Втор дел од смесата: еден час  по избор трчање, велосипед, пешачење, планинарење и слични активности. Оваа смеса не  вклучува  козметички третмани од типот еден час лежење на апарат за намалување на целулит. Под слични активности се подразбира и ритмичен секс (што би рекол пратеникот со смс-от) доколку партнерот е на истиот рецепт.

Трет дел од смесата: два часа книга, филм, музика (по избор). Во оваа смеса се вклучува и најтешкиот дел од рецептот кој се вика обврски. Делот обврски трае од 8 до 10 часа. Овој дел најтешко се вари во желудникот. Пожелно е секогаш да се зачини со духовен мир, длабоко вдишување и длабоко издишување. Да се избегнува во рецептот да се вклучуваат стимуланси за полесно варење од типот дијазепам, хелекс и лексилиум, освен по попрепорака на лекар.

Трите дела од смесата се оставаат да преноќат најмалку 7 а највеќе 9 часа.

Наредниот дел се почнува одново. Ако се прекокнат некои денови воопшто не е страшно. Но ако се прескокне голем период, може да се јават и првите последици.

Вкусот на рецептот не е совршен, но здравјето ќе биде секогаш присутно.

February 20, 2012

RIP Курт Кобејн

„Денес му е роденден на Курт Кобејн, никој ништо не постира за него, а кога ќе умре, сите ќе го сакате!

Да не пишеше Влатко Васиљ ваков статус на фб, ќе заборавев дека денес му е роденден на Курт Кобејн.

Влатко намерно не го линкам нити референцирам затоа што Македонија е мал пазар (нешто колку зелено пазарче) и веќе Влатко сите го знаат и имаат на фб и твитер, така да не гледам реална потреба освен да го спомнам со име и презиме.

За Курт Кобејн имам да кажам само една дешавка во далечната 90 и некоја кога се деси неговата смрт. Во тоа време за жал немаше социјални мрежи. Имаше единствено табла, креда и сунѓер преку ден а социјалниот ноќен живот на скопските хипстери кои тогаш се викаа  алтернативци, се одвиваше пред и позади Соборниот храм и во неколку кафичи низ центар и во парк.

И така , сабајле јас доаѓам во моето омилено школо, влегувам во училница и гледам на табла нацртан венец и напишано со креда RIP Kurt Cobain 1967-1994. Тек сега сфаќам дека човекот не дочекал ни 30 години, како што и за Ван Гог како помлада сум мислела дека којзнае колку одживеал чим створил такви генијални ствари а тој да ти  живеел само 37 години.

Но да се вратиме на Kurt. Најголемиот негов фан од нашиот клас си дошол порано на школо за да го нацрта венецот и да си каже RIP пред да започне часот. Тоа е ок постапка, морал човекот да си ја сподели тагата што ја почувствувал во тој момент. Како што влегуваа другите ученици, дел ја игнорираа дешавката, дел верувам тогаш се запознаа со ликот на Kurt Cobain а дел колку што ме држи сеќавање, земаа кредата па допишаа збор два од денешен агол гледано, т.ест направија share.

Целата церемонија траеше 5 минути, дури мислам дека истеравме и едноминутно молчење. Потоа влезе професорката и му нареди на дежурниот да ја избрише таблата. Едноставно Кур Т ја заболе за смртта Курт. И така…Послушни ја слушавме новата лекција по хемија и се спремавме за писмена.

 

 

 

February 19, 2012

Да бев на твое место

Да бев на твое место, ќе го правев истото што го правиш ти.

Ќе станував во исто време, ќе облекував иста облека, ќе се возев со истиот превоз, ќе ја работев истата работа.  Ќе бев со истата девојка, ќе ги имав истите пријатели, ќе го купев истиот велосипед, ќе ги гледав истите серии, ќе ја слушав истата музика.  Ќе го пиев истото пиво, ќе ги гледав истите натпревари, ќе играв фудбал со истата екипа. Ќе се расправав дома за истите теми, ќе ја изневерував девојката со истата љубовница. Ќе сакав да ја купам истата гитара и истиот фотоапарат. Ќе собирав пари за истите концерти.

Да бев на твое место, немаше никогаш да ги направам работите кои не ги направи ни ти.

Никогаш немаше да и кажам дека ја сакам, на онаа која најмногу ја сакав.

February 18, 2012

Кога дојде ти

Доцна беше кога  дојде ти

и побара прошка, а тага скри

со сјај во очи за идни дни

со надеж за повторни јас и ти.

 

Доцна беше кога реши ти

да вратиш стари спомени

со насмевки нови подарени

и пламнати желби недопрени.

 

Доцна беше кога праша ти

за моите тајни копнежи

со подарок бел за припадност

и бисер прелеан во вечност.

 

Доцна беше кога дојде ти

ти открив мои златни одаи

ти открив мое стебло високо

и зрак од сонце горе широко.

February 16, 2012

Се сретнале

Се сретнале храброста, гордоста, ентузијазмот и праведноста.

Храброста рекла дека може се.

Гордоста рекла дека може сама.

Ентузијазмот рекол дека може веднаш.

Праведноста рекла дека можат сите заедно.

Дошла смислата за хумор и од нив направила виц.

На вицот слатко се изнасмеала само мудроста, од далечината.

February 13, 2012

Валентина и Трифун

Постоеле еднаш едно девојче и едно момче.

Девојчето се викало Валентина.

Живеело на едната страна на светот.

Кога се родила Валентина, имала љубов во неа за целиот свет а очите толку силно погледнале кон сонцето што го натерале да свети само кон неа.

За го спречат исчезнувањето на светот поради отсуството на сончевата светлина и топлина која дотогаш сјаела и греела за сите, се појавиле трите наречници и ја изговориле нејзината судбина – да се вљубува секоја година но вљубувањето да и трае само 24 часа.

Момчето се викало Трифун.

Живеело на другата страна на светот.

Кога се родило, грлото му било толку суво што, за да му ја угаснат жедта го доеле наеднаш сите жени што биле во негова близина.

За да го спречат страдањето на другите доенчиња кои останувале без мајчино млеко, се појавиле трите наречници и ја изговориле неговата судбина – да ја гаси жедта секоја година со вино, но тоа да трае само 24 часа.

Еден ден, некаде на средината на светот се сретнале Валентина и Трифун.

Валентина се вљубила во Трифун во истиот момент штом го видела. Носел бела кошула која изгледала како сошиена на неговото убаво дефинирано тело. Косата му била мека и сјајна, благо зачешлана на десно и од неа се ширела миризба на скап омекнувач. Ноктите му биле свежо исечени , чисти и  бели како штотуку наврнат снег на некоја осамена карпа. Насмевката му била природно сјајна и заслепувачка, што и најуспешниот продавач на колгејт би се откажал да му понуди производ.

И Трифун ја приметил Валентина бидејќи не било можно да се занемари таква убавина. Убавина прелиена во витко тело облеано со црвени траги од свилен фустан. Долга кадрава коса благо прелеана на рамни раменици и исправен грб. Бели бисери кои како капки од водопад нежно паѓаат накај нејзините цврсти а бујни гради. Тенки и долги нозе кои завршуваат со убави црни чевли благо поткренати од земјата.

Но не се вљубил во неа. Бил премногу жеден.

Секоја година на истиот ден, Валентина доаѓала на истото место каде што прв пат го сретнала и се надевала дека и Трифун ќе се вљуби во неа.

Но тој бил повторно жеден и жеден.

Ја гаснел жедта во чаши, на допир тенки како нејзиниот свилен фустан, со вино сочно како нејзините гради ,со сласт како да ги бакнува нејзините меки усни, кои никогаш не станале негови.

February 8, 2012

Нешто за размислување

До 15 години учи да читаш и пишуваш

Од 15 до 25 години читај

Од 25 до 35 години пишувај

Од 35 до 45 години помалку пишувај а повеќе читај што пишуваат тие од 25 до 35 години

Од 45 до 55 години пак пишувај

Од 55 години не прави ништо и уживај, бидејќи ќе имаш се

February 7, 2012

Снег

Сакав да ти кажам дека се вратив

Но, снегот те покри и ми рече не

 

Сакав да ти кажам дека ти простив

Но, снегот те покри и ми рече не

 

Сакав  да ти кажам дека те љубам

Но, снегот те покри и ми рече не

 

Чекав да се стопи снегот, за да ти кажам

Но одеднаш, празно беше се