Archive for March, 2012

March 30, 2012

Зелената клупа

Не се беше вратил во градот од кој потекнува можеби повеќе од дваесетина години.

Замина на свои деветнаесет години оттаму со куфер полн ентузијазам и со една единствена мисла – да го освои светот.

И донекаде го освои.

Стана државјанин на Америка, го посети секој континент, ја вкуси Европа, ја уживаше Азија, беше и на Тибет.

Работеше за познати корпорации, беше дел од познати проект тимови, заработи пари, научи да инвестира, направи и своја компанија, беше добар менаџер.

Имаше многу жени. Високи и згодни, молчеливи и зборлести, преубави и помалку убави. Секоја на свој начин интересно умна. Не сакаше обични и површни жени со кои муабетењето ќе му прекине после втората испиена чаша вино на вечера.

Живееше најчесто сам. Секогаш избираше место за живеење со поглед на природа. Многу сакаше кога ќе се разбуди рано наутро, да го отвори прозорецот од собата и да вдише чист воздух со поглед кој нуди дава зелена трева, дрвја или езеро. Затоа секогаш бираше куќи некаде на периферијата.

Во слободно време сликаше на платно. Тоа му беше некое дамнешно хоби, затаено низ годините, родено во раната младост. Сликањето макар и да беше само неколку часа во неделата, го смируваше и му даваше некоја нова сила која го држеше цел нареден квартал од животот.

Една приквечерина, во новото ателје од неговиот нов дом, седна и почна да слика една зелена клупа. Откако ја наслика, застана.

Позадината ја остави бела.

Наеднаш, како времето да се врати дваесет и две години наназад.

Градот во кој е роден. Мирисот на детското маало. Сончоглед, понекое пиво и тревка. Тој седнат на клупата, чека. Околу него ноќ и тишина, одвреме навреме прекината од дишењето на спијачите во околните домови.

Наеднаш се појавува таа.

Облечена во светли фармерки и бела маичка. Косата и е меко распуштена на рамениците, свежо миена и недосушена. Носи некои цедеа во раката и мала тетратка со поезија.

-Утре ми е авионот и сакам да се правиме како сево ова да не се случува, ок? –  му вели гледајќи во едно соsвездие.

Тишината продолжува да владее со ноќта.

-Еве, земи ја тетраткава со поезија, моја е поезијата, не е ништо особено. Никој ја нема прочитано но сакам со тебе да ја споделам. И така веќе ќе те нема. И додека ја читаш, пушти си некое од цедеава во позадина, поубаво е“ – му рече со треперлив глас едвај чујно во длабоката тишина.

Ја зема тетратката и цедеата. Не се ни погледнаа. Таа стана и си замина. Не се прегрнаа ниту се бакнаа.

Така се договорија да се разделат, нечујно и без болка, без солзи и грч. Сакаа строго и формално да го занемарат фактот дека веќе ќе ги нема на маалската зелена клупа.

На клупата каде долго, долго претходно ја водеа најубавата и најчиста љубов, под звезденото небо, во тишината на ноќта, сами, таа и тој, доволни еден на друг, непознавајќи ниеден друг континент,ниедна друга култура, ниеден друг утрински поглед, ниедна друга емоција освен нивното взаемно припаѓање.

Тогаш за прв пат после толку време ја отвори тетратката со нејзината поезија. Заплака уште на првата страница.

Никогаш не се врати во родниот град и никогаш повторно не ја отвори тетратката.

Некои од неговите слики, ги продаде на една хуманитарна изложба.

Сликата со клупата не ја објави никогаш. Остана да го украсува sидот на неговото ателје, недоискажана.  Во ателјето, понекогаш доцна во ноќта носеше по некоја од повеќето умни и убави девојки кои го сакаа. Нивното присуство донекаде ја пополнуваше празнината околу клупата. Но, донекаде.

Advertisements
March 25, 2012

Коњак

Влегоа на ист начин во истиот стан. Тој прв, таа зад него.

Иако кон неа се однесуваше како кон најголемата дама на светот, кога стануваше збор за станот во кој одеа, тој секогаш влегуваше прв низ вратата. Не само заради тоа што тој го имаше клучот, туку и заради неговиот специфичен табиет зачинет со параноични секвенци дека можеби, еден ден, отклучувајќи и влегувајќи во празниот стан, ќе ги дочека некој лик и онака филмски ќе им впери револвер и ќе им побара да му дадат се.

„На што мислиш кога велиш дека сакаш се?“ – го праша додека ги соблекуваше чевлите и ја отплеткуваше марамата исповртена околу вратот.

„На тоа дека сакам се“ – ладно и возврати и запали цигара.

„Не те разбирам“ – продолжи небаре сака наместо да водат љубов во мирната ноќ , да нурнат во некоја длабока бучна расправија од која ќе си замине расплакана и растревожена.

„Не се ни труди да ме разбереш“ –  рече и тргна накај неа соблекувајќи си ја кошулата која мирисаше на нејзиниот омилен машки парфем и полнејќи ја чашата со нејзиниот омилен пијалок- коњак.

„Ама јас сакам понекогаш и да разговараме“ – му рече и како да сакаше да ја прескокне убавината што следи и наместо коњак да се напие чашка горчина пресечена со по некоја солза.

„ Би требало се да ти е јасно нели?“ . Неговиот глас почна да ја менува сината умерена боја и да станува црвен како небо кое се подготвува за бура предизвикана од контрадикторни облаци.

Таа реши да замолчи. Го зема коњакот и го испи во еден здив. Грутка солза и ја облеа душата но не излезе на површината.

Се опушти.

Се бакнуваа до доцна во ноќта и нивните тела го исполнија празниот простор, танцувајќи на познатите звуци на нивната уште попозната страст.

Си помисли како е можно со него се да биде толку исто а секогаш толку убаво. Како коњак.

Погледна низ прозорецот и се насмевна во себе прегризувајќи ја долната усна на која беше останат вкусот на последната капка коњак од чашата.

 

March 20, 2012

Трета смена

Лежеа на грб, без трошка облека, со погледи кон високиот таван, поставени паралелно еден покрај друг. Чудно, но телата им беа толку симетрично легнати што, гледано од било кој агол на собата изгледаа како совршена инсталација на белата прекривка.

На таванот имаше една сина sвездичка која осветлуваше дел од собата во темната ноќ. Ја имаа купено од некоја ефтина џиџимиџарница на зезанција, за да им свети кога ќе погледнат нагоре, бидејќи надвор, низ прозорецот, во последно време не гледаа многу sвезди.

Имаа само уште една цигара.

Ја запалија и ја пушеа со толкава сласт небаре им е последна во животот.

На едната страна од тепихот имаше компилација од розеви танга гакички , празна црвена кутија дурекс и празна флаша т’га за југ.

На другата страна од тепихот имаше црни боксерици и сиви машки чорапи.

На креветот, освен нивните тела имаше и бело прслуче, бела маичка, карирана кошула, синдикалка и два пара левиски.

Даљинското беше далеку. Доволна им беше тишината.

Одеднаш, се сврте накај неа и прошепоти:

– „ Да ти прочитам што последно напишав.“

Таа се сврте и без да проговори ниту збор, потврдно климна со главата и чекаше да почне.

Тој го зема неговото тефтерче со пишуванки и неговиот глас ја проби тишината во собата:

– „ Трета смена

Кога ќе замине денот а сонцето и синото небо ќе кажат догледање,

Кога птиците заспиваат пеејќи, уличните кучиња трагаат по некое засолниште а мачките се во прегратките на домаќинот,

Кога се отвараат нови флаши црвено фино, кога се витка џоинт, кога се пали првата цигара од новата кутија, кога се кажуваат оние зборови кои пеперутки прават,

Кога се дочитува старата книга и се отвора страницата на нова, кога се преслушува новиот албум на омилениот бенд, кога скриптите се подговени за нова рунда на читање а проектот на бирото чека да биде довршен,

Кога доаѓа несоница и апчето за спиење не делува, кога ноќниот авион полетува, кога проблемите не излегуваат од глава а разумот не никако да влезе,

Кога доаѓа некој кој е создаден за уживање и чии мириси оставаат длабоки траги дури и во внатрешноста на sидовитe,

Тогаш доаѓа третата смена.

Тогаш ми доаѓа животот.

Тогаш се создаваш ти.“

March 15, 2012

Кога мажите би биле денови од неделата

Понеделник – На помислата на него ти се одмилува цела недела, во најмала рака ти се одмилуваат деновите до петок. Сив, намќорест, тапа, здодевен. Дури и кога е расположен (сончев), секогаш ти буди емоции на сивило и едвај чекаш да те одмине. Антипатичен. Често е игнориран  од жените и најчесто forever alone.

Вторник– Поблага варијанта на понеделник. Генерално обичен и премногу класичен, муабетите му се познати, ништо ново.  Неговото присуство не те радува ниту пак ти буди позитивна вибрација ама не ти пречи колку што ти пречи понеделник. Не е игнориран како понеделник од жените иобично има долга врска со некоја депресивка.

Среда– Малку поотворен карактер. Чат пат знае и да каже нешто интересно, да те насмее, да даде надеж за фин провод. Понекогаш знае да те однесе на интересна вечера, интересен настан, да те изненади со интересен подарок. За разлика од понеделникот и вторникот кои се исклучително непривлечни, он знае да биде и секси. Одличен за нормална врска и умерен брак.

Четврток – Забавен, искулиран, секси, има самодоверба бидејќи му е комшија на петок. Понекогаш се однесува како петок wannabe. Доста обожаван од понежниот пол. Смисла за забава на високо ниво, добар хумор и позитивни муабети. Никогаш не е сам и ретко е верен.

Петок – Швалерчина. Мнозинството жени го сакаат и го демнат. Не го вадат од ум и од уста. Кога ќе се појави предизвикува пеперутки кај познати и непознати. Омилен лик е иако се пијанчи и се глупира. Ако некоја го фати, се надева дека баш неа ќе ја засака и ради неа ќе се смени.  Кога се мува не бира, мува се што е симпатично и женско. Ако е ерген , викаат дека бил најпосакуван. Ако е женет е исто така е најпосакуван. Ако е разведен пак е најпосакуван. Како му е , само он си знае.

Сабота – Фраер ама со повеќе стил од петок. За позрели жени е омилен лик. Тие што се фураат на петок, немаат сила за сабота и не им е толку интересен бидејќи е посериозен и не откачува ко петок. Спортува, цени култура, дневни активности а знае и да се журка ама со стил. Има жена со добар социјален статус и изглед а ако има швалерки и они се со стил.

Недела – Домаќински тип. Не искача, си пие домашно ракииче и обожава шопска. Женет. За швалерка нема време од мрза а и не се замара. Можеби еднаш годишно на семинар. Навлечен е на кладилница. Има краток фитиљ и склон е на расправии по дома. Не спортува, освен на Водно со жичара со децата и да ја прошета госпоѓата. Гледа Долина на волците. Понекогаш помага во кујна на жена му и се покажува како добар готвач. Поштуе 8-ми март, купува каранфил. Памти годишнини од брак. На постари години иде по риба или игра шах у маало.

March 14, 2012

И јас збор два за blogirame

Како дел од тимот на blogirame.mk морам да посветам и јас блог пост за и околу целата идеја на сервисот. Техничките аспекти и генералната идеја на blogirame.mk веќе се промовирани од страна на другите дечки од екипата во своите блог постови, па затоа јас би се задржала повеќе на тоа како јас го доживувам blogirame.

Blogirame е и ќе биде идеја во развој. Blogirame ќе се развива во континуитет, исто како што се развива мислата на еден човек, исто како што се развива една заедница, исто како што се развиваат одредени општествени појави.

Блогерството е еден од начините  на изразување на индивидуалната слободна мисла која како основно и неприкосновено човеково право никој не смее да го ограничи или одземе.

Оттука, идејата е blogirame да претставува сервис со примарна цел поттикнување на индивидуалната мисла и нејзин контуниуран развој. Тоа значи дека блогер не се раѓа, блогер се создава и тој што никогаш во животот не помислил дека еден ден ќе почне да пишува, да се обиде да ја сподели својата мисла, своите идеи или својот креативен талент преку блогирање. Така ќе се формира еден сериозен сублимат од индивидуални мислења и ставови на поединецот, кој сублимат треба да ја претставува најмоќната клетка во едно општество – мислата. Од друга страна, во blogirame има место и за корпорациите, здруженијата и други форми на здружување на индивиуалците кои се претставуваат преку блог.

На читателите пак, им се нуди широк спектар на мислења, креации и изразувања преку кои ќе можат да добијат генерална слика за општеството во кое што живеат а истовремено да се вклучат со нивни коментари, сугестии и размислувања околу изнесените содржини на блоговите.

Толку:)

March 11, 2012

За Ена

 

Има една девојка која се вика Ена. Родена е во Џенова, Италија. Татко и по потекло е Италијанец по мајка а Македонец по татко . Мајка и е од Хрватска. Нејзините родители се запознале на море во Ровињ. Најдобрата другарка на Ена се вика Ениса и по потекло е од Босна. Ениса моментално живее во Франфурт, Германија каде што работи за Самсунг. Ена живее во Македонија. Често патува насекаде низ светот. Нејзиниот дечко е Холанѓанец кој моментално живее и работи за германска компанија со претставништво во Македонија. Често патуваат низ Европа кај своите пријатели кои ги запознавале во текот на живеењето. Наредна дестинација за патување им е надвор од Европа, во Токио, Јапонија. Ена има добар пријател кој нема и не сака да има девојка. Заедно ручаат еднаш неделно, разменуваат искуства од еден заеднички проект во кој се вклучени и двајцата а понекогаш заедно ги шетаат кучињата во парк. Ена работи за турска компанија каде повеќето од директорите се албанци, турци и дел македонци. Најдобрата колешка на Ена е албанка по мајка. Разведена е со едно дете. Со неа Ена има најкоректна соработка и помош околу сложените проекти. Комшиите на Ена се постари маж и жена кои немаат деца. Кога и да е во некоја домаќинска невоља, Ена добива итна беспрекорна помош од своите први комшии.

Омилениот бенд на Ена е од Ирска. Омилениот режисер е Американец а омилениот писател од Аргентина. Омилен град и е Париз а омилено место за одмор и е грчкиот остров Санторини.

Ена понекогаш пред спиење пишува мисли кои и се вртат низ главата. Ги пишува на ливчиња хартија и ги пакува во едно плико кое и стои во првата фиока на плакарот до нејзиниот кревет.

Една вечер, пред спиење Ена напиша: „Дали постојат стереотипи и ако постојат дали често нивната дефиниција е злоупотребена? Што се тоа групи? Што се тоа религии, што е тоа мое а што твое? Што е тоа „сите тие се исти?“  Што е тоа припадност и каде припаѓам јас ако не на планетава земја?

Го отвори прозорецот од својата соба и погледна кон небото. Небото беше мирно и полно со sвезди. Една sвезда силно светна, се насмевна и проговори: – „Ена, ти си среќна девојка . Да, ти и припаѓаш  на планетава земја. Ти му припаѓаш на светот.“

П.С Текстов е имагинарен. Инспириран од Imagine на Џон Ленон

March 7, 2012

Твитер

Ми тргна со препевите од Архангел.

Најверојатно поради длабочината на стиховите нивни.

Твитер

Тоа е мрежичка која голта се што е живо
во тебе и во мене.
Често се прашувам, што може човек
против дм, ретвит и фоловинг
?
Твитер
е одраз,
твитер е ехо на нечии умови

твитер е судбина која нема милост
ниту за еден свој корисник.

Ние бевме, ние сме само
послушни деца, построени
на тајмлајнот.
И се што бевме, бевме само
во аватар еден, преполн од илузии.

Гледам идол на тајмлајн, гледам насмеан тролник
и за нова будалштија ќе потроламе сите.
Ако можеш да се разбудиш,
излези на тераса

Таму кај што нема Интернет,
само потреба да живееш.

March 4, 2012

Кога да те сакам ако не сега

Кога да те сакам ако не сега.

Сега кога црвените памучни прерамки најубаво прилегаат на свилената кожа, кога долгата коса сама се расплетува и ги гали рамениците , кога дланките се подготвени за долгиот полноќен пат исполнет со нежни милувања.

Кога да те сакам ако не сега.

Сега кога очите сами се затвораат за да пристигнат до посакуваната цел, кога сите делови од ноќта се редат како многубојна сложувалка, како девојка која си го соблекува омилениот фустан подготвена за полноќните приказни кои се раскажуваат само пред спиење.

Кога да те сакам ако не сега.

Сега кога утрата мирисаат само на тебе , кога првите минути после сонот нудат чиста љубов под бела прекривка која трае помалку од една секунда, но раскажува една цела вечност.

Кога да те сакам ако не сега.

Сега кога сите реки, планини и патишта на овој свет се само наши. Кога звукот на тркалата, чекорите, кочниците, тапаните и гитарите ги впиваме силно, небаре се бориме за последната капка вода, небаре го дишеме последниот жив воздух.

Кога да те сакам ако не сега.

Сега кога тишината ни е повеќе од доволна за да се разбереме а бучавата ни е најтивкото место за водење љубов. Кога јас сум ти, а ти си јас. Кога моите дланки се твои а твоите усни се само мои. Кога глаголите ги кажуваш ти, а придавките ги кажувам јас. Кога ти ги дочекуваш утрата со мене а јас ги испраќам ноќите со тебе.

Кога да те сакам ако не сега.

Сега, кога заедно ја пишуваме нашата љубовна историја која можеби ќе ја прочитаме во далечната иднина. И после секој прочитан збор, секој од нас ќе остави по една воздишка, како запирка, пред да продолжи понатаму со нуркање во длабочината на убавите сеќавања, за едно минато љубовно време, за едно време на сакање.