Archive for April, 2012

April 26, 2012

Твитер муабети

Се сретнуваат двајца твитерџии..

– Како иде тајмлајн фоловеру?

– Иде лабаво, 365 на саат, кај тебе?

– Уф 2000 на саат посебно у прва смена.

-Добро, ти си влијателен затоа. Иначе? Некое ново тролање има?

– Хм..ме одвали вчера еден јак хаштаг кој го донесе не знам ама не отвори ептен. Го свртевме неколку влијателни , се убација и други, абе до сабајле сме се одвалиле. После цел ден кома спиев.

– Јако, јако.

– У ДМ се дешава ли нешо? Кај мене ептен слабо. Некое фв евентуално ќе ми закачи некоја и толку, ама не знам што да помислам, може само ме трола.

– Уф, ја со една симпатична ама се ретвитаме, абе секој ден по минимум два пати. И увек на крај на ден завршуевем у ДМ. Ептен ми го прави меракот.

– Блазе си ти.

-А со фоловерс како стоиш?

– Криза друже не знам, последен фоловер имам закачено пред недела дена. Ама ко што гледам општа рецесија е нема увоз од фејзбук, а извоз на гугл плус е дизастр.

-Нишо, ќе почекаме подобри времиња. И кај мене е исто. Евентуално по некој анфолоу и блок мавам, чисто ради промена.

-Ај, ми снема батерија а треба да се чекирам.

-Ај.

Advertisements
April 25, 2012

Зошто никогаш нема да бидеме Швајцарија

Зошто никогаш нема да бидеме Швајцарија?

(Швајцарија е земена како пример по случаен избор со значење- поинаква држава од нашата)

-Затоа што не не интересира туѓото мислење, туку туѓиот живот
-Затоа што го критикуваме она што друг го направил а не трпиме никаква критика за она што ние сме го направиле
-Затоа што потпишуваме договори без да ги прочитаме
-Затоа што прифаќаме услови за користење на производ или сервис, без да ги проучиме
-Затоа што сакаме пари без да ги заработиме
-Затоа или премногу мислиме или воопшто не мислиме
-Затоа што често забораваме дека сме само педа земја на планетава
-Затоа што здраво живеење потценуваме а нездраво преценуваме
-Затоа што за човек кој излегол сам на прошетка, на кафе или на пиво, мислиме дека е фрик
-Затоа што за пејачка што нема добар англиски маваат сеир и луѓе што немаат никаков англиски
-Затоа што најголем дел од денот трошиме за коментирање против оние што најмалку ги сакаме и почитуваме
-Затоа што сакаме се да знаеме, а не сакаме ништо да споделуваме

April 22, 2012

Живееја на истата страна од градот

Живееја на истата страна од големиот град.

Секој ден, се будеа во исто време.

Додека тој си правеше кафе, таа ја средуваше косата. Додека тој се бричеше, таа си правеше кафе. И двајцата пиеја кафе без шеќер.

Се возеа со истиот трамвај накај работа. Тој секогаш влегуваше од задната врата и седнуваше позади. Таа секогаш влегуваше од предната врата и седнуваше напред. Додека се возеа, и двајцата читаа.

Таа се симнуваше две станици пред него.

Бидејќи на неа порано и завршуваше работното време, никогаш не се возеа со истиот трамвај назад.

…..

Таа влезе дома уморна од работниот ден и почна веднаш да се соблекува. На масата ја чекаше подготвен ручек а нејзиниот маж веќе беше ја испил втората чаша вино.

– Те чекам, ајде побрзај! Па да почнеме да јадеме. – и рече мажот нестрпливо.

– Веднаш, еве готова сум – му одговори во истиот секојдневен тон и побрза. Знаеше дека ако не побрза ќе избувне нова кавга .

Си наполни половина чаша од отвореното вино на масата и му се обрати.

– Не те прашувам прв пат но, зошто никогаш не облекуваш фармерки? И зошто немаш потреба да прочиташ ниедна книга од нашата библиотека? И зошто имам чувство дека со сила ми правиш друштво кога треба да се оди на некоја драмска изведба? – го праша нагло, отсечно и со чуден тон додека јадеше бавно и насила од порцијата ориз со пилешко која ја беше подготвила претходната вечер.

-Смешни работи ме прашуваш после 10 години брак. И те молам не ме оптоварувај, за некоја минута ми почнува лига на шампиони. – и одговори речиси незаинтересирано и отвори лименка пиво.

……..

Тој влезе уморен после напорниот работен ден.

На масата го чекаше ручек подготвен од неговата нова девојка која за неполн месец се всели во неговиот апартман.

– Да ти ставам чаша вино? – девојката срамежливо го праша а во позадината имаше пуштено некое радио со музика која тој не можеше да ја поднесе.

– Зошто си пуштила ваква музика? Ова не личи на музика. И да, да те прашам. зошто никогаш не носиш фармерки? И зошто немаш потреба да прочиташ ниедна книга од мојата библиотека? И зошто имам чувство дека со сила ми правиш друштво кога треба да се оди на некоја драмска изведба?

Девојката се збуни. Поцрвене.

-Пааа, не сум имала друштво за драмски изведби пред да те запознаам. А фармерки? Мислам дека ќе ме направат дебела. А книги? Хм… не знам, читам секое лето на плажа, не знам..

-Бадијала се оптоварувам – си рече тој во себе и отвори лименка пиво. Ја смени радио станицата и запали цигара. Вклучи ТВ и почна да  гледа лига на шампиони, онака.

……..

Живееја на истата страна од градот. Таа во несреќен брак, тој во погрешни врски.

И не направија никогаш никаква промена на ниедно ситно делче од нивното секојдневие .

А влегувањето од другата врата во трамвајот,  можеби ќе ги направеше посреќни.

April 14, 2012

Погрешно време

Вистински текст напишан во погрешно време. Или погрешен текст, напишан во вистинското време.

Како љубовта. Погрешна љубов, во вистинско време. Или можеби вистинска љубов, во погрешно време. Како човекот.  Како времето… погрешни и вистински.

Седеа еден наспроти друг на земја, под отвореното небо.

Дождот беше престанал и тревата наоколу го ширеше истиот прекрасен пролетен мирис кој го вдишуваа заедно.

Беше топло. Убаво. Мирно.

– Што одлучи ? – го праша и го помилува по влажната дождлива коса.

– Ништо. Ќе се борам – и одговори. Човекот не смее да се откаже од правото на своја борба.

– А ако те снема? – Загрижено го праша и ја тргна  раката од неговата коса . Почна да си ја отплеткува едната плетенка.

– Ќе ме снема еден ден како и да е. Ќе ја снема и нашата љубов. Ќе го снема и мојот велосипед. Ќе ја снема и мојата куќа. – делуваше ладно и воздржано. Запали цигара и се загледа во небото.

-Ќе го снема можеби и небото, можеби се ќе снема, или не… – тивко рече таа.

-Си се запрашал ли кои сме јас и ти?  Дали сме вистинските во едно погрешно време? Или  погрешните во едно вистинско време?

-Ако сме вистинските, тогаш нашите мисли секогаш ќе се надополнуваат, па колку и да е погрешно времето, ние заедно ќе живееме во него.

-Ако сме погрешните, тогаш нашите мисли секогаш ќе се спротиставуваат, па колку и да е вистинско времето, ние нема да можеме да опстанеме во него.

-Не сум размислувал толку длабоко никогаш. Тоа е за филозофите, безделничарите. – го фрли пикавецот од цигарата далеку во тревата.

– Погрешни сме, нема што да размислуваш, одговорот јас го знам сама. –  му рече.

А што ако бевме вистински а времето беше погрешно? Ќе ни беше поубаво? Зарем вистинските во погрешно време немаат страдања, маки и дилеми? Или се затворени во розова соба со темни завеси за да не се судрат со погрешното време кое демнее околу нивниот дом? Зарем на нив секојдневно само темјанушки и рози им цветаат по градините обиколени со розеви sидини високо поставени за да не може да ги посети ненадејно погрешното време и да им ја уништи идилата? Дали ги будат нив ангели за добро утро со крцкаво лепче, путер, сирење и мирис на планински чај?

Молк. Го прегрна и речиси заспа на неговото рамо.

Останаа уште долго така прегрнати под пролетното небо.

Небото, единствениот сведок на сите погрешни и вистински работи.

Небото, единственото вистинско.

April 10, 2012

Време за плачење

Во моментите кога не очекуваш, како на пример кога додека  си спокојно седнат на удобна фотелја, пиеш вкусен пијалок и грицкаш омилено предјадење а во позадината се слуша тивка пријатна мелодија, или додека гледаш интересен нов филм со твоето друштво, или додека се возиш накај работа и слушаш утринска програма на радио, или додека ги носиш децата на училиште, седиш на родителска и внимателно слушаш што ќе каже класниот за поведението на твојот немирен син, или додека работиш во градината и ги редиш новите темјанушки на оградата од куќата, додека мажот ја сецка свежата салата и налива чашка домашна ракија, или додека гледаш некој клип на интернет кој го споделиле неколку твои пријатели преку фејсбук.. се случува, да да се случува, некој миг, некоја слика, некој збор или некоја гестикулација да те потсети на некоја твоја длабоко потисната мината болка.

И да погоди толку длабоко, што буквално го замрзнува моментот во кој се наоѓаш.

Музиката престанува иако ја слушаш. Филмот се паузира иако го гледаш. Застануваш на патот иако продолжуваш.

И тогаш, посакуваш да бидеш сам. За да не те види никој, за да не те чуе никој, за да не разбере никој дека дошол моментот кога болката пак здоболела. Дека дошло времето за плачење.

April 6, 2012

За Планетата Нептун и за Земјата на Интелектуалците

Минатиот викенд, медиумите беа преплавени со снимката од отворањето на новиот салон на Нептун во Скопје на која се гледаше огромна толпа од луѓе која се турка за да влезе во исто време во продавницата.

Толпата наводно била мотивирана од најавените попусти на некои од производите при што, некои од потенцијалните потрошувачи биле и турнати на земја и буквално прегазени од сограѓаните.

Реакциите на социјалните мрежи во врска со ова случување беа најразлични.

Од најзагрозувачки, поради примитивното однесување на граѓаните на Скопје, преку компаративни од типот дека тоа е типична социјална појава за потрошувачките општества насекаде низ светот, па се до оправдувачките од типот дека народот оправдано реагира па борејќи се со сопствената немаштија не ни може поинаку да се однесува кога станува збор за купување на двојно поефтин фрижидер со што би сочувал повеќе пари од својата плата за да го прехрани своето четиричлено семејство.

Долго време размислував во која категорија да го ставам случајот Нептун па решив да го наречам „ Планетата Нептун“.

Во која и категорија да го ставиме, нема да згрешиме.

Факт е дека снимката е одраз на краен примитивизам. Факт е и дека такви работи не се случуваат само кај нас. Дека сиромаштијата ги тера луѓето да се туркаат за да дојдат до поволен производ и да заштедат за парче леб е исто така факт.

Но, зар треба да ја оправдаме ситуацијата Нептун поради овие факти? И да се помириме дека ете, секоја сиромаштија е примитивна и недостоинствена? И да се тешиме дека примитивизмот и некултурата при распродажби е потврдено потрошувачко однесување насекаде низ светот?

Па зарем не постои нешто кое се нарекува човечко достоинство и човечка култура која опстојува независно од социјалниот, материјалниот и општествениот статус на едно битие?

Јас не бев директен сведок на случувањата на планетата Нептун, но затоа можам да посведочам за ситуации кои лично ги имам доживеано во средини надвор од „Планетата Нептун“, односно во „Земјата на Интелектуалците“.

Во Земјата на Интелектуалците на пример, се има случувано, на сред извонредна театарска претстава или прекрасен балетски перформанс да се слуша зборување, шепкање, дофрлување, мобилни телефони, кикотење. Се има случувано и, на сред презентација на нов производ, да се слуша дофрлување, разговарање и непријатно коментирање за да ,кога ќе дојде редот за поставување на прашања, да се слуша само непријатно молчење. Се има случувано и, на сред предавање, да се слуша се освен самото предавање. На сред дебата или дискусија, да се слуша расправија и омаловажување. На сред зборување – озборување. За различно мислење и ставови- осуда наместо трагање по оправдување.

И сега, дали Земјата на Интелектуалците е подобра од Планетата Нептун или е само нејзин поинаков облик? И зошто е толку тешко да се одржува елементарна култура и основно човечко достоинствено однесување и почитување на другиот , без притоа да се употреби доза гнев, омраза, навреда и слично омаловажување на другиот при скоро секоја социјална интеракција? И на која планета да одат оние кои не се родени на Нептун и не сакаат да живеат на Земјата….

April 4, 2012

Имунитет

Учиме да станеме имуни на работа под притисок, за да бидеме успешни

Учиме да станеме имуни на стрес, за да бидеме здрави

Учиме да станеме имуни на емоции, за да не бидеме повредени

Учиме да станеме имуни на околина, за да бидеме кул

Учиме да станеме имуни на политика, за да живееме во подобар свет

Дали се претвораме во роботи со јак имунитет?