Живееја на истата страна од градот


Живееја на истата страна од големиот град.

Секој ден, се будеа во исто време.

Додека тој си правеше кафе, таа ја средуваше косата. Додека тој се бричеше, таа си правеше кафе. И двајцата пиеја кафе без шеќер.

Се возеа со истиот трамвај накај работа. Тој секогаш влегуваше од задната врата и седнуваше позади. Таа секогаш влегуваше од предната врата и седнуваше напред. Додека се возеа, и двајцата читаа.

Таа се симнуваше две станици пред него.

Бидејќи на неа порано и завршуваше работното време, никогаш не се возеа со истиот трамвај назад.

…..

Таа влезе дома уморна од работниот ден и почна веднаш да се соблекува. На масата ја чекаше подготвен ручек а нејзиниот маж веќе беше ја испил втората чаша вино.

– Те чекам, ајде побрзај! Па да почнеме да јадеме. – и рече мажот нестрпливо.

– Веднаш, еве готова сум – му одговори во истиот секојдневен тон и побрза. Знаеше дека ако не побрза ќе избувне нова кавга .

Си наполни половина чаша од отвореното вино на масата и му се обрати.

– Не те прашувам прв пат но, зошто никогаш не облекуваш фармерки? И зошто немаш потреба да прочиташ ниедна книга од нашата библиотека? И зошто имам чувство дека со сила ми правиш друштво кога треба да се оди на некоја драмска изведба? – го праша нагло, отсечно и со чуден тон додека јадеше бавно и насила од порцијата ориз со пилешко која ја беше подготвила претходната вечер.

-Смешни работи ме прашуваш после 10 години брак. И те молам не ме оптоварувај, за некоја минута ми почнува лига на шампиони. – и одговори речиси незаинтересирано и отвори лименка пиво.

……..

Тој влезе уморен после напорниот работен ден.

На масата го чекаше ручек подготвен од неговата нова девојка која за неполн месец се всели во неговиот апартман.

– Да ти ставам чаша вино? – девојката срамежливо го праша а во позадината имаше пуштено некое радио со музика која тој не можеше да ја поднесе.

– Зошто си пуштила ваква музика? Ова не личи на музика. И да, да те прашам. зошто никогаш не носиш фармерки? И зошто немаш потреба да прочиташ ниедна книга од мојата библиотека? И зошто имам чувство дека со сила ми правиш друштво кога треба да се оди на некоја драмска изведба?

Девојката се збуни. Поцрвене.

-Пааа, не сум имала друштво за драмски изведби пред да те запознаам. А фармерки? Мислам дека ќе ме направат дебела. А книги? Хм… не знам, читам секое лето на плажа, не знам..

-Бадијала се оптоварувам – си рече тој во себе и отвори лименка пиво. Ја смени радио станицата и запали цигара. Вклучи ТВ и почна да  гледа лига на шампиони, онака.

……..

Живееја на истата страна од градот. Таа во несреќен брак, тој во погрешни врски.

И не направија никогаш никаква промена на ниедно ситно делче од нивното секојдневие .

А влегувањето од другата врата во трамвајот,  можеби ќе ги направеше посреќни.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: