Гостински пост: Малта- една вистински среќна дестинација


Од Александра Сеизова

Со домаќинката на блогов имаме многу убава дружба уште од детството, која мене секогаш ме исполнува со радост. Делиме една пасија за откривање на убавините на светот што оваа година ја реализиравме со патување на Малта, заеднички за прв пат со уште една многу мила личност – Стефи. Имаме прекрасни впечатоци, а јас овој пат и чест да ја раскажам некако на кратко приказната тука за сите верни и љубопитни читатели, пријатели, меѓу кои верувам и други пасионирани патувачи како нас.

Нашето патување започна некако филмски, хаотично и брзо…

На 4ти јуни три насмеани девојки со три сериозни куфери и еден збунет шофер фатија пат кон аеродромот во Софија. Тој брзаше бидејќи возеше брзи девојки, а и летот за Малта требаше да се фати навреме. Пролетавме неверојатно брзо и за дополнителни три часа со Аир Малта стасавме до нашата крајна дестинација. Таму не чекаше друг шофер, кој на идентичен начин како оној првиот изгуби малку повеќе време и нерви додека не ја погоди вистинската и единствена можна комбинација за распоред на нашите сериозно габаритни куфери во автомобилот. Седна на десната страна зад воланот и почна нашето полноќно брзо возење по малтешките улици, мислиш чичка нови и мазни како писта, кривулести како змии, терен што плаче за формула…а и овој богами како формула да возеше. Толку беше лудо и обратно од нашето стандарно, што не можевме да сопреме со кикотење, за подоцна да сфатиме дека таму е вообичаено сите така брзо да возат, па дури и шоферите на автобуси. Пролетувавме покрај убави високи палми, розеви и бели лијандри, расцветани кактуси, некакви осветлени стари ѕидини, интересни стари куќи-палати, а при крај во Св. Џулијанс кај нашиот хотел сосема поинаков, сосема модерен амбиент.

По само неколку часа сон, денот го фативме рано и тргнавме да го истражуваме островот. Првиот поздрав на сонцето, кое уште рано наутро силно сјае и го истакнува синилото на морето, ни ја рашири насмевката. Секој ден со се поголем интензитет печеше, а ние во тие седум дена бевме среќајлии, почестени со навистина прекрасно време, ведро небо и од време на време ветрец кој ја носи во неповрат дури и најмалата грижа.

Првиот ден го започнавме со тура за запознавање на островот со отворен автобус и аудио водич, и на наше големо изненадување тие 30км должина и 15км најголема широчина на целиот остров воопшто не беа за занемарување. Секој следен ден откривавме по уште некое ново делче, гратчиња, селца, плажи или острови. Толку многу нови информации и слики, што човек губи чуство дека деновите се лизгаат, сепак како времето да стои а се друго пролетува неверојатно брзо.

На навидум така мал простор има неверојатно густа населеност (инаку убедливо најгусто населена држава во Европа, со околу само 400.000 жители), посебност неспоредлива со било која друга земја, со богатство од печати кои низ вековите ги оставале сите кои минувале и владееле со оваа држава. А ги имало богами многу, велат почнувајќи од 4000 год. п.н.е. на Малта минале 17 различни народи-владетели или окупатори. Навистина богата и бурна историја, како со многу напредок, така и со многу пустошења.

Предисториските луѓе почнале да ја култивираат земјата и да градат храмови, мегалитски опсерватории, катакомби и сл. кои денес доста сочувани претставуваат атракција за многу туристи во источниот и југо-источниот дел од островот, кај Tarxien и Hagar Qim. Фениќаните пак со своите бродови нашле совршени природни пристаништа и скривалишта во многубројните природни заливи и засеци на копното, за наскоро да ја наречат Малта земја рај и полека да почнат да се населуваат како мајстори трговци. Грците откриле дека на ова парче земја сред Медитеранот има посебен вид на пчели кои прават совршен мед, па Малта или Мелита ја нарекувале земја на медот. На сцена потоа доаѓаат и Римјаните кои изградиле неколку градови околу денешните Медина, Рабат и Викторија на соседниот остров Гозо. Историски факти постојат и за бродоломот и престојот на Св.Павле на Малта, кој го посеал првото семе на Христијанството на островот, а се верува дека излекувал чудотворно и многу луѓе во околина на тогашниот главен град Мелита, сега Медина. Денес Христијанството на Римокатоличката црква е официјална религија на Малта, горди на своите 365 цркви со особена радост ги слават празниците на нивните патрони, светци меѓу кои и Св.Павле. Минале и Арапите како освојувачи, кои меѓу другите обележја го вовеле за прв пат одгледувањето на памук. Веројатно најмногу се знае за витезите од редот на Св.Јован, кои учествувале во Крстоносните војни и протерани од Турците од Родос, доаѓаат до Малта која станува нивен нов дом. Витезите и нивниот симбол остануваат до денес симболи на Малта. Тие решиле добро да си ја чуваат татковината, а ѕидините кои ги изградиле и нивното херојство во битката со многубројната војска на Сулејман Величествениот, за прв пат поразен во 16от век, остануваат запаметени како голем подвиг. Турите со брод по заливите околу Валета се прекрасна можност да се видат тие фасцинантни крепости, а палатите во кои биле сместени витезите го красат главниот град. Подоцна меѓу освојувачите на ред доаѓа и Наполеон, кој за жал опустошил сè што било вредно на островот. Британците ги истеруваат Французите и Малта понатаму продолжува да се развива под нивно владеење. Наспроти развојот, нов бран на пустошења се случуваат за време на Втората Светска војна. Од 1964год Малтежаните се изборуваат за својата независност, на која што се многу горди. Во 2004год пристапуваат кон ЕУ  и денес се вбројуваат меѓу најбогатите земји членки.

Од економски аспект тие се сепак зависни од странскиот капитал и Малта е светски позната не само како туристичка туку и како off-shore дестинација. Тука данок на имот не постои, а имот на продажба колку ви душа сака…

Впечатливо е тоа колку се досетливи и иновативни, желни да бидат поразлични, почнувајќи од туристичката понуда, од добро скованите атрактивни приказни за секоја дестинација, одличниот спој на старото со модерното, па до специфичните огномети, филмските сцени и храната која ја служат со голем мерак и уметност… Забележливо е дека воопшто не се наметливи, со некоја специфична смисла за хумор како малку да им треба да се насмевнат, и иако на прв поглед резервирани сепак ако им се пристапи на секое прашање секогаш даваат одговор и се трудат да помогнат.

Малечка а сепак голема, далечна но сепак лесно достапна. За вистински да ја запознаете Малта, со сета нејзина богата историја, култура и традиции, неопходно е да патувате. Ние секој ден се возевме со автобус (јавниот превоз е убедливо најисплатлив) до повеќе локации на различни делови од островот кои сметавме дека вреди да се доживеат од поблиску. Направивме и една тура со брод околу Валета, која што исто така најтопло ја препорачуваме. Не ги изоставивме ниту двата населени острови Гозо (познат како островот на божицата Калипсо и нејзиниот љубовен заложник Одисеј) и Комино (малиот остров со неверојатна сина лагуна), кои едноставно го земаат здивот на секој посетител. Не е можно да се направи поделба на она што е повпечатливо, дали цивилизацијата со сите свои обележја низ времето или пак природниот пејсаж…морето кое е неверојатно сино, бистро, чисто, моќно, карпестите заливи и карпите со чудни форми (меѓу кои прочуениот Азурен прозорец на Dwejra), пештерите, песочните плажи и тиркизни лагуни покрај кои едноставно ви доаѓа да заплачете од восхит, вегетацијата… Сè заедно прави Малта да биде едно навистина прекрасно доживување за секој патник.

Можат да се пофалат дека само минатата година биле домаќини на 3.500.000 туристи од целиот свет. Ние во најголем број препознавме Французи, Италијанци, Шпанци, Германци, Австралијанци и Американци, меѓу кои млади студенти кои учат англиски во многуте специјализирани летни училишта, млади луди дискаџии во диско гетото Pacevile, пософистицирани фаци на убави јахти, брачни парови со мали деца, прилично повозрасни елегантни парови, средновечни љубители на казина, купишта скубадајвери, т.н рамблери – шетачи фасцинирани од природните патишта…

Останува препораката да се избегнува во најтоплите месеци како јули и август, задолжително да се направат прошетки низ Валета, Медина,Гозо и Комино, да се посетат песочните плажи на северниот дел од островот, да се пробаат малтешките специјалитети како малтешка пита, разни лебчиња и пецива, свежа морска храна, наут, мед, локални вина…

Ете и ние меѓу тие милиони патници, горди на себе, полни со една прекрасна енергија, побогати со уште едно убаво животно искуство се вративме од Малта после една цела недела. Си рековме дека со сигурност нема да ја пропуштиме следната прилика за да се вратиме и да доживееме стопување со барем едно зајдисонце на Азурниот Прозорец.

Сите сме секако патници на овој свет, наш е и доволно голем и разнолик за многу нешта да се откријат и научат, за многу инспирации да се пробудат, едноставно да се почуствува животот и поврзаноста…

Се надевам дека галеријата од нашите фотографии ќе ви ја доближи убавината на Малта. Уживајте!

https://picasaweb.google.com/102642835833150899042/Malta2012

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: