Archive for ‘Uncategorized’

February 2, 2013

Душата, Егото и Љубовта.

Си биле Душата и Егото.

Живееле во исто место, кое го делел еден sид.

Од левата страна на sидот живеела Душата, а од десната страна Егото.

Еден ден, тргнале да се сретнат со Љубовта.

Егото побрзало да тргне прво.

Душата тргнала побавно, после него.

И така Егото прво се сретнало со Љубовта. Ја почастило пијачка. И ги раскажало сите негови доживувања во еден здив. Љубовта од него, не можела да дојде ни до збор.

Дури тогаш стасала Душата.

Бидејќи Егото било преморено од пиење и раскажување, Душата се понудила да ја испрати Љубовта до дома.

Пешачејки така, Душата и Љубовта си поразговарале.

Ноќта наеднаш станала пријатна.

На крај , се гушнале и си посакале лека ноќ.

На враќање, Душата поминала да го разбуди Егото за да си одат заедно накај дома.

По патот се предомислила и го оставила да спие и сонува.

Посакала само, вечно да си остане во неговиот сон.

А таа, да тргне утре повторно, за да се сретне насамо со Љубовта.

November 26, 2012

Љубовна

Леле колку те сакам

Ко бајадера

Ко ладен туш во врела ноќ

Ко топла бања во зима

Како добар сон.

 

Леле колку те сакам

Ко Депеш Мод

Ко најдоброто од Депеш Мод

Ко мирис на јоргован на Водно

Ко далечен гром.

 

Леле колку те сакам

Ко насмевка.

Ко врв на рид.

Ко разиграно дете.

Како мал мој дом.

October 25, 2012

Додека

Додека лежевме еден покрај друг во темната соба со екстремитетите  благо испреплетени и стоплени слушајќи си го синхронизираното дишење, си помислив колку само ни беше убаво кога шетавме покрај реката и се занесувавме дека сите соsвездија се наши.

Додека шетавме покрај реката и се занесувавме дека сите соsвездија се наши  си помислив колку само ни беше убаво кога водевме љубов покрај морето и не галеа топлите бранови а месечината ни ги осветлуваше насмевките додека го допиравме совршенството.

Додека водевме љубов покрај морето и не галеа топлите бранови а месечината ни ги осветлуваше насмевките додека го допиравме совршенството, си помислив колку само ни беше убаво додека заспивавме под нашата месечина.

Додека заспивавме под нашата месечина и се будевме под заедничкото сонце, си помислив колку  ни е навистина убаво. И колку ни беше навистина убаво додека лежевме еден покрај друг во темната соба со екстремитетите благо испреплетени и стоплени слушајќи си го синхронизираното дишење.

September 21, 2012

Триесетите

Во триесетите почнуваш да размислуваш дека никогаш повеќе нема да имаш дваесет. Во дваесетата не си ни помислувал да размислуваш дека никогаш повеќе нема да имаш десет.

Во триесетите сфаќаш дека подготвен бил ти или не, предизвиците се дојдени на соочување.

Во триесетите сфаќаш и многу други работи.

– Предизвикувачите на лоши емоции, се острануваат само со длабоко игнорирање.

– Згоден човек не е оној кој е млад, туку оној кој редовно вежба и правилно се храни.

– Добар човек не се познава по појавата, туку по постапките.

– Лош човек се познава по односот кон другите , не само кон тебе.

– Убавото може да се претвори во неубаво понекогаш и преку една реченица.

– Нема само една љубов и нема само едно заљубување.

– Никогаш не можеш да спречиш некого да те сака, ниту да натераш некого да престане да те мрази.

– Алкохолот е повкусен во дваесетите.

– Храната е поубава во триесетите.

– Најголем  дел од другарите и другарките од дваесетите,  во триесетите стануваат пријатели и познаници.

-Колку и да се натпреваруваш, сфаќаш дека постојат безброј дисциплини. -Ако не се натпреваруваш, сфаќаш дека и за гледач нема секогаш место на трибините.

-Среќата не е во успехот, туку е во посветувањето.

-Љубовта е привилегија исто како и добрата работна средина.

-Не значи дека ако си пропуштил, немаш право подоцна да надоместиш.

-Не значи дека ако подоцна надоместиш, ќе го задоволиш пропуштеното.

-Цигарата е штетна, не пушењето.

-Страста е краткотрајна, не љубовта.

-Перцепцијата е битна, не околината.

-Парите се прогресивни. Како старееш, се повеќе ти требаат.

-Здравјето е скапоцено.

-Децата се највредната и најтешката инвестиција.

-Никогаш не е доцна да се полуди.

-Секогаш е рано да се каже дека работите се под контрола.

-Убавината е во мирот.

-Се што нема да те полуди до четириесетата, ќе те направи помудар.

August 20, 2012

Нешто искрено

Луѓе.

Силни, слаби, бучни, тивки, нервозни и смирени, енергични и мелахнолични, активни и неактивни, вредни и мрзливи, разумни и неразумни.

Луѓето можат да бидат секакви. Но, се додека се искрени и не лажат, не се мизерни.

Искрен човек од аспект на човечката исправност, значи човек чии зборови соодветствуваат со неговите постапки и дела.

Искрениот човек нема да употреби лага и манипулација и нема да доведе трети лица во заблуда за да стигне до посакуваната цел. Искрениот човек не ја применува онаа Макијавелистичката дека целта ги оправдува средствата. Ако средствата биле лоши и неискрени, целта ќе трае кратко.

Има голема разлика меѓу искрен лидер кој си ја сака работата и неискрен менаџер кој си ја сака позицијата. Има голема разлика меѓу искрен маж кој си ја сака жената и неискрен маж кој ја доведува жената во заблуда а кој си ја бара љубовницата.

Искрен е секој кој не се претставува лажно. И оној кој сака да е слободен и сам и живее токму така. И оној кој е себичен и оној кој е слободоумен. И оној кој има многу жени. И оној кој сака мажи.

Зошто во политичкиот живот постои мандат? Бидејќи во политиката не е можно да се делува континуирано искрено. Затоа тука се гласачите кои во зависност од степенот на нивната доверба или недоверба кон одредена политичка гарнитура, ја имаат моќта да ја направат промената.

Во секојдневниот живот не постои мандат. И тука довербата може да се стекне само кон искрените луѓе.

Искрениот човек не се плаши да ги каже своите грешки. Не се плаши да каже како сака да живее. Искрениот човек не се плаши од лагата, туку ја презира. Ако не се согласува со нешто, не се плаши тоа да го соопшти. Доколку престане да сака некого, тоа и му го соопштува. Го ослободува од казната да го држи во заблуда и да го измачува, туку му овозможува да биде посреќен на некое друго место, со некој друг.

Болката од искреноста е краткотрајна, но придобивките се благородни на долг рок. Искреноста не измачува и не истоштува. Конструктивна е и води напред.

Многу луѓе живеат завиени во лага. Најпрво се лажат себеси, а преку тоа ги лажат и останатите. Лажниот живот бара ослободување. Лагата не предизвикува краткотрајна болка како искреноста, лагата предизвикува лузни, кои тешко се отстрануваат а некои остануваат и цел живот.

Мислам дека не постои човек на планетава кој барем еднаш во животот не бил повреден од лага. Дали некој бил повреден од вистината? Вистината боли, но не повредува. Таа дава шанса за поубава иднина.

Дајте и шанса на искреноста. Тоа сите ќе не направи поуспешни и посреќни луѓе. Во најмала рака, допринесува за мирен и спокоен сон.

Искрено Ваша,

Искра Искрич

August 7, 2012

Сонував

Сонував како шетам по долг чист тротоар.

Покрај мене помина насмеана девојка на зелен велосипед, со бледо розеникав цвет во главата и ми рече: „Добро утро“.

Чекорев и вдишував мирис на шума, иако бев во градот.

По булеварот возеа расположени автомобили со бесшумни мотори.  Да не се свртев , немаше да приметам дека ги има повеќе од триесет.

Зад мене чекореа средовечни маж и жена. Се држеа за рака и носеа транспарент на кој пишуваше „Зрела возраст“. Изгледаа среќно и вљубено.

Потоа сонот ме однесе во некое убаво кафуле во кое немаше повеќе од дванаесетмина.

Млади девојки во бели кошули говореа на елегантен нежен женски јазик, тивко и сензуално. Мажите носеа потемни бои на себе и беа фокусирани на насловите од дневните весници.

Нарачав кафе од портокал. 

Наеднаш, над мене се отвори покривот од кафулето и силно светна небесниот свод. Сите погледнаа нагоре.

Се појави сонце кое ја намали сопствената светлина за да не мораме да ставаме очила ниту да замижуваме гледајќи во него.

Наеднаш сонцето ја измени својата тркалезна форма и почна да се дели на парченца. Од парченцата настануваа букви. Се испишуваа една по една на синото небо.

 „Ве сакам“ – напиша сонцето.

Се разбудив.

Набрзина исцедив портокал и го испив на екс. Влегов под туш оставајќи го алармот да снузира. Облеков стара кошула и некоја сукња на дофат и излегов со трчање накај автомобилот. Додека возев, зборував на телефон. Погледнав во ретровизорот и видов утринска сообраќајка на некое пунто со тип на мотор.

Термометарот покажуваше 31 степен во 8 часот и 8 минути . Цагер. Сигурно некој ме пцуе, си помислив.

Паркирав.

И тргнав по валкан испукан тротоар.

Покрај мене помина намуртен возач на сив камион, натоварен со песок. Mи свиреше да се тргнам од тротоарот.

Чекорев и вдишував мирис на прашина, иако бев во градот.

По булеварот возеа нервозни автомобили со бучни мотори.  Да не се свртев , немаше да приметам дека ги има само три.

Зад мене чекореа средовечни маж и жена. Мажот одеше прв а жената зад него. Изгледаа тажно и измачено.

Потоа патот ме однесе во еден кафиќ во која имаше повеќе од дваесетмина.

Млади девојки облечени во прозирни кошули и мини сукњи  седеа на коњопои со високи потпетици. Пиеја џин со тоник и гласно се смееја. Мажите носеа бели тесни маички и беа фокусирани на задниците и нозете на девојките.

Нарачав макијато.

Наеднаш, над мене се отвори покривот од кафулето и нешто силно пукна. Сите погледнаа нагоре.

Се појави експлозија која ја зголеми светлината толку многу што не ни помогнаа ни очила а ниту можевме да замижиме гледајќи во неа.

Наеднаш, небото ја измени својата форма и почна да се дели на парченца. Од парченцата настануваа букви. Се испишуваа една по една на темното изгорено небо.

 „__________“ – напиша небото

Експлозијата предизвика  слепило а пораката остана непрочитана.

 

July 20, 2012

Сакам

Сакам свежи утра со топло сонце.

Сакам вкусно кафе без ронка шеќер.

Сакам крај на книга со добар почеток.

Сакам нежна лирика во рок.

Сакам разбранети риби во мирна вода.

Сакам гола карпа до густа шума.

Сакам неспокојно дете, кое мирно гушка.

Сакам боја на цвет во прозирна вазна.

Сакам насмевка во будење. Гушкање низ сон.

Сакам спокој во бура. Тишина во фреквентна улица. Верба во време на недоверба.

Сакам вистина во љубовта.

Бидејќи само љубовта ќе не успокои. А вистината ќе не направи луѓе.

 

July 1, 2012

Мое Скопје

Населбата.

Другарчиња добри и лоши. Растрчани. Со модри колена од паѓање и ситни лузнички.

Народна, Џамија, Грабни стапче, Граница, Жмурки и Илери.

Ластик и Џамлии.

Симпатии.

Бетонски клупи во доцните ноќи. Сончоглед, асоцијација, пантомима.

Први роденденски журки.

Рапери, Металци, Хипици и Панкери. За секого перформанс од по дваесет минути.

Љубов.

Сакаш ли да се фатиме? Сакам.

Несовршено совршен бакнеж.

Посветена поезија, спуштање на слушалка. Домашен телефон. Испраќање до дома.

Најтемната клупа, доцна во ноќта. Дружење со sвездите.

. . .

Средношколски.

Клупи. Различни умови. Умни и неумни. Облеката не беше приметувана.

Книги. Многу книги. Достоевски, Иго, Ремарк, Маркес, Мајаковски, Есенин, Селимовиќ, Јаневски, Кундера, Капор, Стефановски.

Музика. Многу музика. Рејв, Панк, Метал, Рап. Архангел и Мизар наизуст. Чиста околина идоли. Дед кен Денс, Баланеску квартет, Орбитал, Смитс, Ник Кејв и други. Журки во Силекс, Мусандра и Менада.

Филм. Многу филм. Домашни фестивали. Аматерски филмови и театар. Реплики од Казабланка и Тетовирање. ММЕ кој прв почна. Скомрахи и МОТ редовно.

Домашни забави. Бакнување. Галење. Сакање. Раскинување со плачење. Емоции.

. . .

Градот.

Река, планина, плоштад и улици.

Населби, пазарчиња, куќи и згради.

Југо, Стокец, Голф Кец и Фиќо.

Пегличка во цигла боја.

Олимписки базен и базен Карпош. Воен базен за тие со пропусници.

Кино Култура.

Македонска опера и балет.

Дебар маало без згради. Мирисот на липи.

Парк. Гитари , вино и небо. Враќање по кејот на Вардар. Неосветлен.

Пешки на снег. Боси на лето.

Коцка. Панкери, концерти.

Чаршија. Арарат. Менада и Багдад кафе. Мартинс и Конверс.

Рекорд. Бамбус и евтина вотка, но вредни разговори.

Љубов. Сексот не се бараше. Сам доаѓаше.

Суштина, некако постоеше.

Скопје е се уште мое. Некаде во моите спомени.

June 26, 2012

Дајте бе луѓе, да станеме луѓе

Деновиве читав пост за „Провинцијалката и нејзините градски жртви“

Најпрво, не ми се допадна генерализирањето кое провејуваше низ целиот текст кој воедно беше напишан со доста вулгарен тон  од страна на авторот. Не ми се допадна и употребата на терминот „провинцијалец“. Исто како што не ми се допаѓа употребата на термините „вмровец“, „соросоид“, „комуњар“ „сељак“, „курва“ и слично.  Термини кои се употребуваат да се навреди некој што размислува или се однесува спротивно на нашето однесување или размислување.

Тоа е мој вкус.  А за вкусовите сметам дека треба да се дискутира.

Од друга страна пак, со коментарите дека не само што текстот не чинел, туку не чинеле сите оние кои ги споделиле, исто така не се сложувам. Зошто да не споделам со јавноста текст со кој не се сложувам? Го споделувам, бидејќи сметам дека до заклучок на одредена тема може да се дојде само ако се постават две спротиставени гледишта. Едностраното според мене, не е конструктивно.

Монолозите се  тажни драги луѓе. Тоа е заблуда дека некој те слуша и те одобрува. Замката е дека можеби, никој не те слуша. Дијалогот, иако знае да биде тежок, секогаш доведува до одреден заклучок. Макар и заклучокот да е дека е залудно потрошено времето за објаснување со соговорникот бидејќи на крајот, секој останува на своето.

Но не е така. Зборовите остануваат запаметени. Се навраќаат понекогаш како стар заборавен  пријател или непријател со кого сте си кажале збогум.

Да се навратам на „провинцијалците“. Дури и јас , како девојка родена и израсната во Скопје се имам фатено на стапицата и го имам употребувано зборот „провинција“.

Не е страшно ако се употреби зборот „провинција“. Страшно е кога ќе се употреби во погрешна конотација. Жално е да се генерализира дека амбицијата на сите луѓе родени надвор од Скопје е да дојдат во Скопје, да се вработат во Скопје и да се омажат во Скопје и притоа да газат се пред себе како би ги постигнале своите цели. Ако тргнеме од таа претпоставка тогаш и амбицијата на некои од „Скопјаните“ е да заминат од Скопје во некој поубав и поразвиен град, да се вработат таму и секако среќно да се вдомат кај некој добро ситуиран партнер со Европско државјанство, или Амер.

Меѓутоа тоа што јас сметам дека е вистина, е дека за жал многумина, без разлика дали се од Скопје или од друг град во Македонија бираат полесен , но општествено болен пат до нивните животни цели.

Кој е тој полесен а општествено болен пат?

Дипломата без знаење. Унапредувањето без заслуга. Партнерството без доверба. Бракот без љубов. Менаџирањето  без грижа за компанијата.

Што добиваме? Добиваме  на пример: Магистер по економија – Менаџер на компанија, среќно оженет со две деца. Но дали? Па него економијата не го интересира, тој не се грижи за компанијата и не си ја сака  и почитува жената. Единствената цел му е да направи профит, да си најде згодни љубовници и ако му се појави прилика да стане менаџер во некоја поуспешна компанија, бидејќи неговата пропаѓа.

Па затоа пропаѓа, поради лажните вредности.

И така клетките на општеството, самите луѓе,  живеејќи со тие лажни вредности го распаѓаат целиот систем. Не го носат напред, туку  го уништуваат неговото постоење.

Тоа ме плаши мене мили мои пријателчиња. Лажните вредности.

Не ме плаши „сељакот“ кој слуша турбо фолк и си ги пее песните на Цеца. Не ме плаши „курвата“ на која и е кеиф да легне со двајца во рок од една недела. Не ме плаши „вмровецот“ кој си работи за партијата, ниту „соросоидот“ кој работи на проект на сорос. Не ме плаши ни „провинцијалецот“ кој дошол во Скопје и кој ќе ми го земе работното место. Ниту „провинцијалката“ која ќе му се пушта на мојот партнер.

Ме плашат сите оние кои ги категоризираат луѓето а кои не не му ја понудиле на општеството поинаквата поубавата опција.

Каде е девојката со достоинство и дамско однесување? Каде е уметникот и музичарот кој ќе му покаже на светот што творел и креирал во доцните ноќи? Каде е партијата која ќе понуди конструктивна политичка програма и опција? Каде е Скопјанецот да покаже како треба да се живее и да се чува својот град?

Да излеземе и да се покажеме. Во спротивно, немаме право  да се жалиме.

June 24, 2012

Време

„Јас секако ќе ти ја признаам својата слабост: никогаш не се враќам дома онаков каков што сум заминал“.
Сенека

Замина и тој. Понесе со себе стара излитена патна торба и ја фрли на своите изморени плеќи, без да размислува што ќе прави со себе.

Дојде во непознатиот град. Тоа беше град на облаците, во кој сонцето беше редок гостин и најчесто доаѓаше ненајавено и постоеше многу кратко. Изнајми студио, појде до најблискиот дисконт и изнакупува храна за седум дена. Се израдува кога виде дека на петстотини метри од неговиот нов дом имаше еден паб каде што се пиеја најразлични пива. Многу сакаше да пие пиво. Со фудбал, со пријатели, сам, со жени, без жени, за жени, за сенешто.

Ја нареди на брзина храната во фрижидерот и се симна во пабот.

Пабот беше мал, но многу чист и симпатичен. Имаше двајца шанкери и еден келнер кои беа многу ведри и насмеани. Нарача некое белгиско пиво кое го немаше дотогаш пробано. Сакаше да пробува нови и нови вкусови и да ги споредува. Слично правеше и со жените. Секогаш сакаше да пробува стари и нови, високи и ниски, полнички и ковчести, бујни и слабички, плави и црни, портокалови, бледи, со пеги и потемнети, зборлести и тивки,среќни и тажни. И потоа да ги споредува.

Пабот беше празен можеби затоа што беше некое меѓувреме во кое секој има некои распределени обврски во својата животна агенда.

Го пиеше пивото кое имено му се допадна и тогаш здогледа постар господин, облечен во бело сако и светли фармерки кои одлично му стоеја, како влегува низ вратата.

Господинот отпрвин како да се двоумеше дали да влезе и да седне, но откако им се сретнаа погледите, во истиот момент како да донесе одлука дека токму таму, со него треба да ја испие попладневната пијачка.

Седна веднаш до него на шанкот, и како да се блиски познаници со години, веднаш започнаа разговор.

– Нема да Ве прашувам каде живеете, што работите, кое пиво ви е омилено, дали сакате некоја жена или повеќе жени и слични теми. Ќе Ве прашам само, што Вие правите со вашето време? – го праша интересниот господин и го гледаше право во очи желно чекајќи го одговорот.

– Со моето време? Хм, никој досега ме нема прашано вакво нешто. Не сум размислувал на таа тема. Јас едноставно живеам, дозволувам да ме носи животот, па каде ќе ме однесе, таму се прилагодувам. Пливам ако надојде бран, се греам на зима, се ладам на лето, ако ми се јаде јадам, кога ми се пие пијам. Ако немам пари наоѓам начин да ги заработам. Со жените ми оди, не можам да се пожалам за тоа.

Не знам што ми донесува времето но, кога ќе ми донесе, добро се снаоѓам со тоа што ми следува.

Еве сега сум тука, во овој град, во овој паб. Утре којзнае каде ќе бидам. И така.

А Вие? Што е со вашето време? – го праша збунето и малку несигурно не знаејќи дали неговиот одговор ќе му се допадне на господинот и ќе го задоволи неговото одлучно прашање.

Моето време? – започна господинот со умерен тон.  Ах… Времето е единственото нешто кое го поседувам. Го чувам како најскапоцен дијамант во најскришниот дел од мојот живот, во мојот животен сеф. Секое утро, вадам мал дел од него и го поминувам целиот ден со него. Го споделувам само со луѓето кои ги сакам. А тие се малку.Му подарувам љубов, бидејќи само така го правам времето спокојно и среќно.

Понекогаш, дел од него давам и на непознати, доколку оценам , како што еве, во моментов го правам тоа со Вас.

Редовно го напојувам со вода, оброци и се трудам да го одржувам здраво. Знаете, времето памети и враќа.

За да не го заморам, му давам потребна количина на сон. Спиеме заедно.

Понекогаш, кога тешко сонувам и се будам мокар и избезумен поради бурата на потсвеста која се случувала во ноќта, го вознемирувам. Меѓутоа, потоа секогаш наоѓам начин да го успокојам.

Има денови кога ќе го заклучам во  сефот и излегувам сам, без него. Но гледам побргу да му се вратам. Времето не чека долго.

Ми треба и му требам. Без него сум ништо. Ќе му давам убавини и ќе креираме заедно светови се додека не се претвори во вечност. Бидејќи тогаш ќе го немам, бидејќи тогаш ќе ме нема.

Се извинувам, морам да одам. Пивото Ви е платено – заврши господинот и замина.

Чудна средба – си помисли. Чуден човек. Чудна тема.

Тргна накај своето студио замислен. Мислеше на времето. Каде е неговото време? Можеби треба малку повеќе да му се посвети,можеби треба малку повеќе време да поминува со него…

Ќе размисли. Да отспие прво.

Попладневната дремка затропа на неговиот прозорец. И отвори да влезе. Задрема.