June 19, 2012

Гостински пост: Малта- една вистински среќна дестинација

Од Александра Сеизова

Со домаќинката на блогов имаме многу убава дружба уште од детството, која мене секогаш ме исполнува со радост. Делиме една пасија за откривање на убавините на светот што оваа година ја реализиравме со патување на Малта, заеднички за прв пат со уште една многу мила личност – Стефи. Имаме прекрасни впечатоци, а јас овој пат и чест да ја раскажам некако на кратко приказната тука за сите верни и љубопитни читатели, пријатели, меѓу кои верувам и други пасионирани патувачи како нас.

Нашето патување започна некако филмски, хаотично и брзо…

На 4ти јуни три насмеани девојки со три сериозни куфери и еден збунет шофер фатија пат кон аеродромот во Софија. Тој брзаше бидејќи возеше брзи девојки, а и летот за Малта требаше да се фати навреме. Пролетавме неверојатно брзо и за дополнителни три часа со Аир Малта стасавме до нашата крајна дестинација. Таму не чекаше друг шофер, кој на идентичен начин како оној првиот изгуби малку повеќе време и нерви додека не ја погоди вистинската и единствена можна комбинација за распоред на нашите сериозно габаритни куфери во автомобилот. Седна на десната страна зад воланот и почна нашето полноќно брзо возење по малтешките улици, мислиш чичка нови и мазни како писта, кривулести како змии, терен што плаче за формула…а и овој богами како формула да возеше. Толку беше лудо и обратно од нашето стандарно, што не можевме да сопреме со кикотење, за подоцна да сфатиме дека таму е вообичаено сите така брзо да возат, па дури и шоферите на автобуси. Пролетувавме покрај убави високи палми, розеви и бели лијандри, расцветани кактуси, некакви осветлени стари ѕидини, интересни стари куќи-палати, а при крај во Св. Џулијанс кај нашиот хотел сосема поинаков, сосема модерен амбиент.

По само неколку часа сон, денот го фативме рано и тргнавме да го истражуваме островот. Првиот поздрав на сонцето, кое уште рано наутро силно сјае и го истакнува синилото на морето, ни ја рашири насмевката. Секој ден со се поголем интензитет печеше, а ние во тие седум дена бевме среќајлии, почестени со навистина прекрасно време, ведро небо и од време на време ветрец кој ја носи во неповрат дури и најмалата грижа.

Првиот ден го започнавме со тура за запознавање на островот со отворен автобус и аудио водич, и на наше големо изненадување тие 30км должина и 15км најголема широчина на целиот остров воопшто не беа за занемарување. Секој следен ден откривавме по уште некое ново делче, гратчиња, селца, плажи или острови. Толку многу нови информации и слики, што човек губи чуство дека деновите се лизгаат, сепак како времето да стои а се друго пролетува неверојатно брзо.

На навидум така мал простор има неверојатно густа населеност (инаку убедливо најгусто населена држава во Европа, со околу само 400.000 жители), посебност неспоредлива со било која друга земја, со богатство од печати кои низ вековите ги оставале сите кои минувале и владееле со оваа држава. А ги имало богами многу, велат почнувајќи од 4000 год. п.н.е. на Малта минале 17 различни народи-владетели или окупатори. Навистина богата и бурна историја, како со многу напредок, така и со многу пустошења.

Предисториските луѓе почнале да ја култивираат земјата и да градат храмови, мегалитски опсерватории, катакомби и сл. кои денес доста сочувани претставуваат атракција за многу туристи во источниот и југо-источниот дел од островот, кај Tarxien и Hagar Qim. Фениќаните пак со своите бродови нашле совршени природни пристаништа и скривалишта во многубројните природни заливи и засеци на копното, за наскоро да ја наречат Малта земја рај и полека да почнат да се населуваат како мајстори трговци. Грците откриле дека на ова парче земја сред Медитеранот има посебен вид на пчели кои прават совршен мед, па Малта или Мелита ја нарекувале земја на медот. На сцена потоа доаѓаат и Римјаните кои изградиле неколку градови околу денешните Медина, Рабат и Викторија на соседниот остров Гозо. Историски факти постојат и за бродоломот и престојот на Св.Павле на Малта, кој го посеал првото семе на Христијанството на островот, а се верува дека излекувал чудотворно и многу луѓе во околина на тогашниот главен град Мелита, сега Медина. Денес Христијанството на Римокатоличката црква е официјална религија на Малта, горди на своите 365 цркви со особена радост ги слават празниците на нивните патрони, светци меѓу кои и Св.Павле. Минале и Арапите како освојувачи, кои меѓу другите обележја го вовеле за прв пат одгледувањето на памук. Веројатно најмногу се знае за витезите од редот на Св.Јован, кои учествувале во Крстоносните војни и протерани од Турците од Родос, доаѓаат до Малта која станува нивен нов дом. Витезите и нивниот симбол остануваат до денес симболи на Малта. Тие решиле добро да си ја чуваат татковината, а ѕидините кои ги изградиле и нивното херојство во битката со многубројната војска на Сулејман Величествениот, за прв пат поразен во 16от век, остануваат запаметени како голем подвиг. Турите со брод по заливите околу Валета се прекрасна можност да се видат тие фасцинантни крепости, а палатите во кои биле сместени витезите го красат главниот град. Подоцна меѓу освојувачите на ред доаѓа и Наполеон, кој за жал опустошил сè што било вредно на островот. Британците ги истеруваат Французите и Малта понатаму продолжува да се развива под нивно владеење. Наспроти развојот, нов бран на пустошења се случуваат за време на Втората Светска војна. Од 1964год Малтежаните се изборуваат за својата независност, на која што се многу горди. Во 2004год пристапуваат кон ЕУ  и денес се вбројуваат меѓу најбогатите земји членки.

Од економски аспект тие се сепак зависни од странскиот капитал и Малта е светски позната не само како туристичка туку и како off-shore дестинација. Тука данок на имот не постои, а имот на продажба колку ви душа сака…

Впечатливо е тоа колку се досетливи и иновативни, желни да бидат поразлични, почнувајќи од туристичката понуда, од добро скованите атрактивни приказни за секоја дестинација, одличниот спој на старото со модерното, па до специфичните огномети, филмските сцени и храната која ја служат со голем мерак и уметност… Забележливо е дека воопшто не се наметливи, со некоја специфична смисла за хумор како малку да им треба да се насмевнат, и иако на прв поглед резервирани сепак ако им се пристапи на секое прашање секогаш даваат одговор и се трудат да помогнат.

Малечка а сепак голема, далечна но сепак лесно достапна. За вистински да ја запознаете Малта, со сета нејзина богата историја, култура и традиции, неопходно е да патувате. Ние секој ден се возевме со автобус (јавниот превоз е убедливо најисплатлив) до повеќе локации на различни делови од островот кои сметавме дека вреди да се доживеат од поблиску. Направивме и една тура со брод околу Валета, која што исто така најтопло ја препорачуваме. Не ги изоставивме ниту двата населени острови Гозо (познат како островот на божицата Калипсо и нејзиниот љубовен заложник Одисеј) и Комино (малиот остров со неверојатна сина лагуна), кои едноставно го земаат здивот на секој посетител. Не е можно да се направи поделба на она што е повпечатливо, дали цивилизацијата со сите свои обележја низ времето или пак природниот пејсаж…морето кое е неверојатно сино, бистро, чисто, моќно, карпестите заливи и карпите со чудни форми (меѓу кои прочуениот Азурен прозорец на Dwejra), пештерите, песочните плажи и тиркизни лагуни покрај кои едноставно ви доаѓа да заплачете од восхит, вегетацијата… Сè заедно прави Малта да биде едно навистина прекрасно доживување за секој патник.

Можат да се пофалат дека само минатата година биле домаќини на 3.500.000 туристи од целиот свет. Ние во најголем број препознавме Французи, Италијанци, Шпанци, Германци, Австралијанци и Американци, меѓу кои млади студенти кои учат англиски во многуте специјализирани летни училишта, млади луди дискаџии во диско гетото Pacevile, пософистицирани фаци на убави јахти, брачни парови со мали деца, прилично повозрасни елегантни парови, средновечни љубители на казина, купишта скубадајвери, т.н рамблери – шетачи фасцинирани од природните патишта…

Останува препораката да се избегнува во најтоплите месеци како јули и август, задолжително да се направат прошетки низ Валета, Медина,Гозо и Комино, да се посетат песочните плажи на северниот дел од островот, да се пробаат малтешките специјалитети како малтешка пита, разни лебчиња и пецива, свежа морска храна, наут, мед, локални вина…

Ете и ние меѓу тие милиони патници, горди на себе, полни со една прекрасна енергија, побогати со уште едно убаво животно искуство се вративме од Малта после една цела недела. Си рековме дека со сигурност нема да ја пропуштиме следната прилика за да се вратиме и да доживееме стопување со барем едно зајдисонце на Азурниот Прозорец.

Сите сме секако патници на овој свет, наш е и доволно голем и разнолик за многу нешта да се откријат и научат, за многу инспирации да се пробудат, едноставно да се почуствува животот и поврзаноста…

Се надевам дека галеријата од нашите фотографии ќе ви ја доближи убавината на Малта. Уживајте!

https://picasaweb.google.com/102642835833150899042/Malta2012

 

Advertisements
June 19, 2012

Не ме љубиш веќе, не ме сакаш

Не ме љубиш веќе, не ме сакаш, зар во мене ништо мило не е?

Не ја ставаш ни својата рака, на ранава каде страста тлее.

Што ли криеш зад потсмевот таен? Знај, не сум во нежноста златен.

Раскажи ми, колкумина знаеш? Колкумина бакнуваше патем?

 

 

Знам јас тие како сенка ледна поминале крај оганот твој.

Кому се на колено му седна пред да втаса еве редот мој?

Нека се подзатворат очите твои дури идниот среќник го сонат.

Не се недотлеани и чувствата мои в далнини дални дур тонам.

 

 

Прашинката в судба не расцветува. Лекоумна врска.Нежен плам.

Случајната средба веќе ветува со насмевка да си заминам.

А ти по патот свој оди си, најдобро да ја негуваме тагата сами.

А негибнатите не гибај ги. Небакнатите друг нека ги мами.

 

 

И можеби некој ден што иде, в самрак таен низ маглата густа,

ќе те сретнам дури мирно идеш занесена од љубовни чувства.

Ништо тогаш нема да го допре трепетот што пеплишта се сторил

Тој што љубел не може да љуби. Тој што пламтел, не може да гори.

 

Сергеј Александрович Есенин

June 15, 2012

Никогаш нема да го засакам

Никогаш нема да го засакам. Тој не знае зошто, но не му е ни битно. Се додека ме има.

Ни после долгите ноќи поминати во вкрстени екстремитети каде се чувствувам удобно, нема да му ги подарам моите чувства.

Ќе му дадам скоро се. И дијамантите чувани и негувани во мојот бесценет аквариум на скап накит. И ковчежето полно со златници стоени и неброени. И моите ридови, куќи и замоци. И моите верни чувари и поданици.

Ќе му ја подарам и мојата става,моите усни, мојата долга исправена коса и капките роса на мојата кожа во свежите утра.

Но нема да го засакам.

Тој не знае зошто, а не му е ни битно. Се додека ме има.

Кога ќе ме нема, ќе се запраша…

Тогаш јас ќе бидам далеку, во моето ново царство, со моите стари, добро сочувани чувства. Во кои живее некој друг.

June 13, 2012

Потешко ни е

Потешко ни е кога полесно ни е да опцуеме, отколку да се извиниме.

Потешко ни е кога полесно ни е да одложуваме, отколку да реализираме.

Потешко ни е кога полесно ни е да премолчиме, отколку да соопштиме.

Потешко ни е кога полесно ни е да проблематизираме, отколку да решаваме.

Потешко ни е кога полесно ни е да живееме, отколку да љубиме.

Потешко ни е кога полесно ни е да оставиме, отколку да составиме.

Потешко ни е кога полесно ни е да избегаме,отколку да се соочиме.

Потешко ние кога полесно ни е да плачеме, отколку да се бориме.

June 2, 2012

За машко-женцките работи

Не сакам да осудам ниту еден од вашите ставови, ниту сакам да ги побивам вашите мислења а најмалку ми е желба да ги повредам вашите емоции.

Сакам само да пренесам едно мое согледување за машко-женцките работи во 21 -от век. Којзнае дали сум во право….

Во 21-от век, жените станаа ловци а мажите станаа плен. Порано беше доволно жената само да мрдне со опашката, а денес е потребно и да се наоружа.

Додека жените пцујат, мажите молчат. Порано мажот беше оној кој пцуе, а жената за сметка на тоа се срами и пробува да го смири.

Жените мислат дека се главни, а мажите зад грб ги озборуваат. Порано мажите беа главни а жените се озборуваа меѓу себе, која каков фустан носи.

Жените кои мислат дека можат се сами, се во неприродна заблуда. Порано жените не можеа се сами бидејќи беа финансиски зависни. Сега мислат дека можат сами поради финансиската независност, а всушност емоционална е потребата тие да бидат во пар.

Мажите кои мислат дека можат со многу жени наеднаш, немаат ниедна. Мажите кои се со многу жени наеднаш, не си даваат шанса да запознаат ниедна од нив како личност.

Сите маркетингшки приказни за врската помеѓу жената и мажот кои успешно ги продаваат моќните светски индустрии, не значи дека треба да ги купиме. Пример е Саманта (Сексот и градот) – измислен ,но добро продаден лик.

Животните општат во пар. Човештвото измисли тројка. Порано разликата помеѓу животните и луѓето беше во тоа што животните општеа а луѓето водеа љубов. Сега разликата е тоа што животните сеуште општат а луѓето развиваат и продаваат нови модерни облици на интимна комуникација, која е непријател на здравите човечки емоции.

 

 

June 1, 2012

Фолоу за Дарко @darko156

Кој бил на твитап во #Твитеркафана, знае.

Кој не бил, греота е да не дознае.

Бидејќи се работи за #Твитеркладба, потребно е сите што не го следите @darko156 на твитер, да го направите ова:  Со помош на еден ваш клик фолоу на профилот на @darko156 ,ќе се зголемат шансите да добие цела МК твитер заедница бенефит – гратис кафана на негова сметка.

Немојте да бидете хејтери и да штедите на еден фолоу, не се работи за политичка кампања. Плус бенефитот од следење на профилот на @darko156 не е за потценување.

Нишо не губите, траст ми:) Не гласаме за Ж ниту за БЦ 🙂

Кликнете фолоу 🙂

May 28, 2012

Ти

Ти,

Мојата болка меѓу сите рани

Мојата вода меѓу сите вкусови

Мојот воздух меѓу сите мириси

Мојот сон меѓу сите инсомнии

 

Ти,

Мојот мир меѓу сите војни

Моето одобрување меѓу сите негации

Мојот дом  меѓу сите туѓини

Мојот спокој меѓу сите немири

May 14, 2012

Бевме среќни. Бевме матуранти.

Бевме облечени во нови фустанчиња, убави штикли и имавме појака шминка. Носевме одела, кравати, нови кошули и најскапи чевли. Правевме напори да изгледаме постари, посериозни, поубави. Знаевме малку, но мислевме дека целиот свет е наш.

Утрото газевме боси со штиклите и чевлите во раце , со размачкана шминка и згужвани кравати и не го чувствувавме уморот од целовечерното лумпување, а и не ни беше гајле.
Бевме среќни. Бевме матуранти.

Сега, правиме напори да изгледаме помлади, не сакаме да сме премногу сериозни и се помируваме дека порано сме биле поубави од денес.
Знаеме многу, но не мислиме дека можеме да го промениме светот.
Газиме во удобни чевли за да не не болат табаните, се шминкаме подискретно и секој умор го чувствуваме до срж.
Градиме кариери и фамилии.
Губиме и добиваме.
Световите околу нас никнуваат и се рушат. Се прилагодуваме.

Но во моментот кога ќе си ја видиме генерацијата, ни се враќаат сеќавањата на едно прекрасно безгрижно време на младоста.
И повторно ја чувствуваме онаа матурантска среќа .
Ние сме среќни. Ние сме матуранти.

May 10, 2012

Бесшумна благородност

„Nobreza silencioza. Бесшумна благородност.

Заблуда е да се верува дека решавачките моменти од еден живот, во кој засекогаш се менува неговиот вообичаен правец, би морале да бидат жестоки и драматични, поткопани од силни внатрешни пориви.Тоа е кич бајка што ја создале пијаните новинари, филмаџиите кои ја обожаваат светлината од блицовите и писателите во чии глави тоа изгледа како во некој булеварски весник. Во реалноста, драматичноста на едно искуство што го одредува животот, најчесто е неверојатно тивка. Таа е толку малку сродна со пукот, со пламен и со избувнување на вулкан, што искуството, во моментот кога е направено, честопати воопшто не се забележува. Штом таа ќе го развие своето револуционерно дејство и ќе се погрижи еден живот да се појави во сосема нова светлина, тогаш тоа го прави сосема бесшумно и во таа прекрасна бесшумност лежи нејзината специфична благородност.“- Паскал Мерсие

Беа поминале точно 7 месеци од денот кога реши да си замине од нејзиниот стан. Понесе со себе цел куфер кошули и една торба со неговите омилени страници книги.

Во меѓувреме изнајми стан далеку од центарот на градот и живееше буквално надвор од него, бурно и недостоинствено. Не се сеќаваше кое време се враќаше дома пијан и во кои се станови и куќи заспиваше кога се опиваше до бесознание. Доби две нови работи но ги загуби како пари на коцка. Жените сами му доаѓаа и сами си заминуваа. Утрата му беа исти. На ноќите не се сеќаваше. Немаше нови кошули а сите книги кои ги понесе му беа прочитани.

Тоа утро го миеше лицето со ладна вода можеби дваесетина минути. Потоа влезе под туш и уште долго време ја чувствуваше ладната вода по неговото изморено тело. Сепак излезе од тоалетот освежен. Облече бела нова кошула која ја беше купил минатиот ден. Повика такси. Ја кажа познатата адреса и тргна.

Затропа на влезната врата и си го почувствува срцето. Седум месеци го немаше почувствувано.

– Кој е? – се слушна нежен женски глас од внатрешната страна на станот.

– Јас, Предраг.

– Зошто дојде? Заборави ли нешто? – растреперено го праша.

– Дојдов по себе – и одговори.

 

 

April 26, 2012

Твитер муабети

Се сретнуваат двајца твитерџии..

– Како иде тајмлајн фоловеру?

– Иде лабаво, 365 на саат, кај тебе?

– Уф 2000 на саат посебно у прва смена.

-Добро, ти си влијателен затоа. Иначе? Некое ново тролање има?

– Хм..ме одвали вчера еден јак хаштаг кој го донесе не знам ама не отвори ептен. Го свртевме неколку влијателни , се убација и други, абе до сабајле сме се одвалиле. После цел ден кома спиев.

– Јако, јако.

– У ДМ се дешава ли нешо? Кај мене ептен слабо. Некое фв евентуално ќе ми закачи некоја и толку, ама не знам што да помислам, може само ме трола.

– Уф, ја со една симпатична ама се ретвитаме, абе секој ден по минимум два пати. И увек на крај на ден завршуевем у ДМ. Ептен ми го прави меракот.

– Блазе си ти.

-А со фоловерс како стоиш?

– Криза друже не знам, последен фоловер имам закачено пред недела дена. Ама ко што гледам општа рецесија е нема увоз од фејзбук, а извоз на гугл плус е дизастр.

-Нишо, ќе почекаме подобри времиња. И кај мене е исто. Евентуално по некој анфолоу и блок мавам, чисто ради промена.

-Ај, ми снема батерија а треба да се чекирам.

-Ај.